Папата се сретна со епископите од Зимбабве
Треба да се заземаме за помирување и зацелување на раните – рече Папата на епископите од Зимбабве, кои ги прими во Ватикан по повод нивната посета ’ad Limina’. Папата ги потсети епископите на националната сложеност на Зимбабве и посака епископите да ги водат сите кон единство и оздравување.
Црквата во Зимбабве треба секогаш да биде со народот, особено во моментите на потиштеност и очај – истакна Папата во говорот кој го упати до епископите. Светиот Отец потсети на големиот допринос на Католичката црква, пред и после државната независност, а се осврна на сегашната духовна и морална криза во Зимбабве. Христијаните се составен дел на сите спротивставени страни. Затоа Папата ги повика епископите да промовираат единство и оздравување на народот. Во вашиот народ има белци и црнци, по некој богат и многу сиромашни, бројни племиња. Христијаните се во сите политички партии, а некои се на високи позиции. На сите им е потребно обраќање и оздравување – истакна Светиот Отец.
Месната Црква, продолжи Папата повикувајќи се на документот на папата Бенедикт VI ‘Africae Munus’, треба да покаже дека помирувањето не е осамен чин, туку долг временски процес и сите треба да се обноват во љубовта, која оздравува со делувањето на Божјото Слово. Признавам дека во Зимбабве многу лица се на крајот од силите и не знаат кому да се обратат – рече Папата поттикнувајќи ги епископите да ти тешат верниците дека Господ ќе го слушне плачот на сиромашните.
Во заклучокот од говорот, Папата се обраќа до свештениците, вероучителите и лаиците истакнувајќи ја важноста на добрата формација, а особено ги поттикна младите католици кои сакаат да склопат христијански брак да се напојуваат на богатството на моралната црковна наука за животот и љубовта, како би можеле како мајки и татковци во слобода да најдат вистинска среќа – заклучи папата Фрањо.
РВ/С.С.