Кардинал Туран одржа предавање во Аман

Треба да се поттикнува „педагогијата на мирот“, заклучи кардиналот Жан Луис Туран, претседател на Папскиот совет за меѓурелигиски дијалог, говорејќи на семинарот „Религии и насилство“ што се одржа на 12 мај 2014 година на универзитетот во Аман, Јордан, а со цел да се поттикне меѓурелигискиот дијалог.

Италијанската амбасада во Аман, Кралскиот институт за меѓуверски студии и Европската унија по повод престојната посета на папата Фрањо на Јордан организираа семинар на универзитетот Петра во Аман, а кардиналот Туран одржа предавање со тема „Религии, општество, насилство. Осврт на причините и последиците. Улогата на верските водачи за остварување на мирот и општествената стабилност“.

Изразувајќи во прв ред „солидарност и сочувство“ за народот на соседна Сирија, која е жртва не само на вооружено насилство, туку и на секаков вид на прекршувања на основните права, кардиналот ја истакна важната улога што религиите можат да ја имаат поттикнувајќи ги народите за мир, во име на солидарноста и достоинството на секоја личност. Важно е заедничкото залагање во сузбивањето и искоренувањето на насилството, бидејќи насилството не е храброст, туку избивање на слепо беснило што ја понижува личноста, а уште повеќе е погрозно, ако тоа се прави во Божјо име, истакна кардиналот Туран прашувајќи: Што можат во тој контекст да направат верските водачи? Во прв ред потребна е јасност. Тероризмот со ништо не може да се оправда, а токму поради тоа треба да се посвети промоцијата на педагогијата за мир, односно да се користат дипломатијата и политиката; да се усмерат кон барањето на вистината и заедничките знаци на човечката личност; да се поучува дека плурализмот нема исто значење со насилството, туку дека може да биде извор на взаемно обогатување; да се овозможи чистење на меморијата по пат на опростување и помирување; да се има секогаш на ум дека макотрпниот мир е подобар од победоносната војна, објасни кардиналот Туран.

Од поглед на Католичката црква, кардиналот рече дека Црквата се инспирира од начелата на Блаженствата, бидејќи „посебноста на христијанинот е подбро да го трпи насилството отколку да го предизвикува. Христијанинот е повикан да го надмине секој облик на насилство и да биде сведок на човечност, великодушност и мир, рече кардиналот додавајќи дека сите религии тврдат дека мирот е вредност достојна за почит и поттик и дека насилството никогаш не претставува соодветен одговор на претрпените навреди и неправди. Пријателството и почитувањето на разликите и сличностите се единствени орудија за да се избегнат уништувањето и смртта; само тие можат да придонесат за воспоставување на правда и солидарност во светот, заклучи кардиналот Туран.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот