Папата Фрањо славеше благодарна Литургија за канонизацијата на Свети Иван Павле II

Како што Петар бил цврста основа за тогашната заедница, втемелен на Карпата која е Христос, така и Иван Павле II беше вистински камен засидрен на таа иста Карпа – рече Светиот Отец на 4 мај за време проповедта на светата Литургија, која ја служеше од благодарност за канонизацијата на Свети Иван Павле II, а ја служеше во Црквата Свети Станислав во Рим.

Папата Фрањо во пригодната проповед рече: Во Делата на светите Апостоли го слушнавме гласот на Петар, кој силно навестува за Исусовото воскресение. Петар е сведок на надежта, која е во Христос. На него наидуваме и во второто читање, кога верниците ги зацврстува во верата во Христос, пишувајќи им: Вие преку Него поверувавте во Бога, Кој Го воскресна од мртвите и Му даде слава, та верата ваша и надежта да ви бидат во Бога. (1 Петрово 1,21). Петар бил цврста основа за заштита на заедницата, бидејќи е втемелен на Карпата, која е Христос. Таков беше Иван Павле II – вистински камен засидрен на Карпата – рече Папата.

Една седмица по канонизацијата на Иван XXIII и Иван Павле II собрани сме во оваа црква на Полјаците во Рим, за да му заблагодариме на Господ на дарот за Светиот римски епископ, син на вашиот народ. Во оваа црква сврати повеќе од 80 пати! Секогаш доаѓаше тука, во разни моменти од својот живот и животот на неговата татковина, Полска. Во моментите на тага и потиштеност; кога сѐ изгледало изгубено, тој не ја губеше надежта, бидејќи неговата вера и надеж беа зацврстени во Бог (сп. 1 Петрово 1,21). И така беше камен (темелник) и карпа за оваа заедница, која тука моли, која тука го наслушнува Словото Божјо, се подготвува за Светите Тајни и ги дели; ги прифаќа оние во потреба, пее и слави и од тука одново поаѓа кон периферијата на Рим

Вие драги браќа и сестри – продолжи Светиот Отец – сте дел од народот кој е многу искушуван во својата историја. Полскиот народ знае дека за влез во славата е потребно да се помине низ мака и крст (сп. Лука 24,26). И тоа го знае, не бидејќи ова го има студирано, туку затоа што тоа го преживеа. Светиот Иван Палве II како заслужен син на својата земска татковина, одеше по тој пат и по неа одеше на примерен начин, примајќи го од Бог потребното соголување. Поради тоа телото му почива во надеж (сп. Дела 2,2 Пс 1,9) – рече Папата.

Што е со нас? Дали сме подготвени да го следиме овој пат? – праша папата Фрањо. Вие драги браќа, ја сочинувате оваа христијанска заедница на Полјаци во Рим, сакате ли да го следите овој пат: Свети Петар заедно со гласот на Свети Иван Павле II ви говори: … поминувајте го времето на својот живот во страв (1 Петрово 1,17) Навистина ние сме патници, но не сме скитници; на пат сме, но знаеме каде одиме, а скитниците тоа не го знаат. Ходочасници сме, но не скитаме – знаеше да каже Свети Иван Павле II.

Двајцата ученици на патот за Емаус, на поаѓањето беа скитници, не знаеја каде би требало да одат или да стигнат, но такви не биле на крајот. На крајот станале сведоци на надеж, која е Христос, бидејќи го сретнаа Воскреснатиот Патник, Исус; Воскреснатиот Патник, кој оди со нас. Исус денес е тука! – рече Папата. Тука е во своето Слово, тука е на олтарот и тој Воскреснат Патник оди заедно со нас.

И ние можеме да станеме воскреснати патници, ако Словото Божјо ни ги разгори срцата, а неговата Евхаристија ни ги отвори очите на верата и нѐ нахрани со надеж и љубов. И ние исто така можеме да одиме со браќата и сестрите кои се тажни и очајни и да им ги загрееме срцата со Евангелието и со нив да го поделиме лебот на братството. Свети Иван Павле II нека ни помогне да бидеме воскреснати патници. Амин – рече Светиот Отец, завршувајќи ја својата проповед.

РВ/го*ко

Категорија: Ватикан

За авторот