„Автентичен одговор“: Грижата за сиромашните и бездомниците започнува со средба и близина

„Автентичен одговор“: Грижата за сиромашните и бездомниците започнува со средба и близина

Претставници на десет католички организации од Соединетите Американски Држави, здружени во иницијативата „Автентичен одговор“, во среда, 18 ноември 2026 година, се сретнаа со папата Лав XIV за време на Генералната аудиенција. Тие му ја претставија својата мисија, чија цел е грижата за сиромашните и лицата без дом повторно да се темели врз личната средба, близината и создавањето вистински човечки односи.

Иницијативата започна со работа во март 2025 година и денес обединува десет католички апостолати од различни делови на САД. Заедничко за нив е уверувањето дека помошта за лицата без дом треба да оди подалеку од обезбедувањето материјални средства и социјални програми.

„Сè започнува со средба и однос“, изјави Џесика Ечевери, извршен директор на организацијата СОФЕСА, една од организациите вклучени во иницијативата.

Џесика и нејзиниот сопруг, ѓаконот Чарли Ечевери, речиси три децении работат со лица без дом. За Џесика оваа мисија има и лично значење, бидејќи во младоста и самата живеела без дом поради тешки семејни околности и трауми од детството.

Според ѓаконот Чарли, материјалната помош е важна, но вистинската промена започнува кога човекот ќе биде виден како личност со сопствена приказна и достоинство.

„Во центарот на бездомништвото не е политика или програма, туку личност“, нагласи тој.

Една од целите на „Автентичен одговор“ е повторно да се разбуди свеста дека грижата за сиромашните е составен дел од мисијата на Црквата. Иницијативата сака особено да ги охрабри мирјаните, семејствата и локалните заедници да се вклучат во помагањето на луѓето кои живеат во нивното непосредно опкружување.

Членовите на иницијативата велат дека дополнителна поддршка наоѓаат во учењето на папата Лав XIV, особено во апостолската поука Dilexi Te, посветена на љубовта кон сиромашните.

„Тоа беше како ветер во нашите едра“, рече Џесика, објаснувајќи дека во зборовите на Папата препознале потврда за својата мисија. Ѓаконот Чарли нагласи дека средбата со сиромашните не го преобразува само човекот кој прима помош, туку и оној што помага.

„Личноста која е сиромашна или живее без дом и на која ѝ служиме може да биде Божјиот начин да допре и до нас“, рече тој.

Затоа иницијативата сака да го промени и начинот на кој се зборува за бездомништвото. „Не станува збор за бездомник. Станува збор за човек кој во овој момент нема дом“, порача Џесика.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Uncategorized, Вести, Свет

За авторот