Предводејќи ја светата Литургија за празникот на посветувањето на базиликата Свети Иван Латерански, папата Лав XIV се осврна на Црквата, повикувајќи ги верниците да се ослободат од критериумите на светот кој премногу често бара моментални резултати затоа што не ја познава мудроста на чекањето. Тој рече дека Исус нè менува и нè повикува да работиме на големото Божјо градилиште, мудро обликувајќи нè според неговите планови за спасение. Тој нагласи дека во Рим, и покрај напорите, постои големо добро кое расте.
Да копаме во себе и околу нас за да можеме потоа да гледаме во Христос и така смирено и трпеливо да градиме, како што нè учи илјадагодишната историја на Црквата, вистинска верска заедница способна да шири љубов, да го промовира посланието, да навестува, слави и да му служи на апостолската наука. Вака папата Лав XIV размислуваше за посланието на Црквата како заедница на активни верници, во проповедта на светата Литургија, која ја одржа во недела, 9 ноември 2025 година, по повод празникот на посветувањето на базиликата Свети Иван Латерански.
Пред 2.700 собрани верници и во сослужение на 160 свештеници и 10 епископи, Светиот Отец потсети на важната историја на римската катедрала, која ја изградил римскиот император Константин откако им дал на христијаните слобода на вероисповед во 313 година, а која била осветена неколку години подоцна од папата Силвестер I. Римскиот епископ нагласи дека оваа базилика, Мајка на сите Цркви, е многу повеќе од споменик и историско сеќавање; таа е знак на живата Црква, изградена од избрани и скапоцени камења од Исус Христос, кој е камен-темелник. Ова нè потсетува дека ние самите, како живи камења, мораме да формираме на оваа земја духовен храм, кој е црковната заедница, Црквата, општеството на верниците што ја потврдува својата најсилна и најочигледна надворешна структура во Латеранската базилика – нагласи Петровиот наследник и додаде:
Кога работиме со сета сила за Царството Божјо, да не бидеме нетрпеливи и површни: да копаме длабоко, ослободени од критериумите на светот кој премногу често бара моментални резултати затоа што не ја познава мудроста на чекањето.
За да можеме да градиме, прво мора да се свртиме кон Христос
Папата прво се осврна на важноста на темелите на базиликата „Свети Иван Латерански“, објаснувајќи дека оние што ја изградиле римската катедрала пронашле доволно цврста основа врз која можат да изградат сè друго, копајќи длабоко и со труд, со што спречиле структурата да се сруши со текот на времето. Слично на тоа, како работници на живата Црква, пред да почнеме да градиме величествени градби, мора да копаме во себе и околу себе за да отстраниме секој нестабилен материјал што би можел да нè спречи да ја достигнеме самата карпа која е Исус Христос. Цитирајќи го затоа денешното читање од Првото послание на Светиот апостол Павле до Коринтјаните, во кое се наведува дека никој не може да постави друга основа освен онаа што е поставена, а тоа е Исус Христос, Светиот Отец објасни:
Ова значи постојано враќање кај Него и Неговото евангелие, послушност а делувањето на Светиот Дух. Во спротивно, постои опасност од преоптоварување на зградата со тешки конструкции кои имаат слаби темели.
Црквата е градилиште.
Потоа, Петровиот наследник се осврна на евангелскиот пасус во кој Закхеј, богат и моќен човек чувствува потреба да се сретне со Исус, се качува на дрво за да го види меѓу толпата. Овој чин е необичен и несоодветен за личност од неговата положба, која е навикната да добива сè што сака. Папата нагласи дека за Закхеј, ова искачување на гранките значи препознавање на сопствените ограничувања и надминување на својата горделивност. Потоа тој навистина успева да се сретне со Исус и започнува нов живот:
Исус нè менува и нè повикува да работиме на големото Божјо градилиште, мудро обликувајќи нè според неговите планови за спасение. Во последниве години, сликата на градилиште често се користи за да се опише нашиот црковен од. Тоа е прекрасна слика што зборува за акција, креативност и посветеност, но и за труд и проблеми, понекогаш многу сложени, кои треба да се решат.
Во Рим расте големо добро.
Оваа слика на градилиштето го изразува вистинскиот и опиплив напор со кој нашите заедници растат од ден на ден, во споделување на харизмите и под водство на пастирите – нагласи Светиот Отец, потсетувајќи исто така дека во историјата на базиликата Свети Иван Латерански немало недостаток од критични моменти, неуспеси и корекции на проектите за време на нивното спроведување. Сепак, благодарение на упорноста на оние што ни претходеа, денес можеме да се собереме на ова прекрасно место – нагласи тој и продолжи:
Денес во Рим, со многу труд, расте големо добро. Да не дозволиме овој труд да нè спречи да го препознаеме доброто и да се радуваме на него, за да го разгориме и обновиме нашиот жар. Впрочем, љубовта што ја живееме го обликува и нашето лице на Црквата, така што на сите им станува сè појасно дека таа е мајка, мајка на сите Цркви или дури и мама, како што рече Свети Иван Павле II, зборувајќи им на децата на овој празник.
Римскиот епископ истакна дека Црквата во Рим моментално ја живее фазата на спроведување на Синодата во која она што созреало со работа во текот на годините сега бара споредба и проверка на терен. Тој додаде дека тоа подразбира дека мора да продолжиме да одиме нагоре и да работиме со доверба за да растеме заедно.
Важноста на Литургијата
Папата Лав XIV заврши нагласувајќи еден суштински аспект од посланието на секоја катедрала, а тоа е Литургијата, односно врвот кон кој се стреми целото дело на Црквата и изворот од кој тече целата нејзина сила. Во Литургијата се вградуваме како храм Божји, како живеалиште на Неговиот Дух и ја добиваме силата да го навестуваме Христос во светот, рече Светиот Отец, додавајќи:
Грижата за Литургијата на местото каде што се наоѓа Петровиот престол треба затоа да биде пример за целиот Божји народ, во почитување на нормите, во внимателноста кон различните чувствителности на учесниците во Литургијата, во согласност со принципот на мудра инкултурација, а во исто време и во верност кон тој стил на свечена умереност што е типичен за римската традиција и кој може да донесе многу добро на душите на оние кои активно учествуваат во неа.
Цитирајќи ги говорите на Свети Августин, во кои се наведува дека убавината не е ништо друго освен љубов, а љубовта е живот, Папата нагласи дека Литургијата е област во која оваа вистина се остварува на посебен начин. Тој изрази надеж дека ќе се обрне внимание на едноставната убавина на литургиските обреди, кои можат да ја изразат вредноста на богослужбата за хармоничен раст на целото Тело Христово, и дека оние кои пристапуваат на олтарот на Римската катедрала потоа можат да излезат исполнети со благодатта со која Господ сака да го преплави светот.
Ватикан њуз/к.мк

