Папите и војните во современата ера

Папите и војните во современата ера

Соочени со разорната моќ на современото оружје, денес е многу тешко да се говори, како во минатите векови, за можноста од „праведна војна“. Уште во 1963 година папата Иван XXIII, во енцикликата Pacem in terris, напиша дека во атомското доба речиси е невозможно да се помисли дека војната може да се смета за средство на правда. Во истиот дух говори и папата Лав XIV, кој мирот го поставува меѓу средишните теми на својот понтификат.

Пишува: Андреа Торниели

Додека повторно се враќа говорот за „праведна војна“, вреди да се потсетиме на учењето за мир на Папите што биле на Петровиот престол во текот на изминатиот век. Тоа учење постепено се збогатувало и продлабочувало, сè до јасното сознание дека станува сè потешко да се тврди дека постои „праведна војна“. Размислувањата засновани врз теологијата од минатите векови и врз можните оправдувања на војната не го земаат доволно предвид фактот дека теолозите од претходните времиња пишувале во услови кога војните се воделе со мечеви и палки, а не со смртоносно оружје и беспилотни летала управувани од машини. Таа нова стварност отвора морални прашања со драматична тежина. Сè појасно станува дека војната не е пат што човештвото треба да го следи.

Од писмото до завојуваните нации од 1917 година на папата Бенедикт XV, во кое Првата светска војна е наречена „бескорисно колење“, па сè до напорите на папата Пиј XII да го спречи избувнувањето на Втората светска војна; од зборовите на папата Иван XXIII во Pacem in terris од 1963 година, каде што пишува дека „речиси е невозможно да се помисли дека во атомската ера војната би можела да се користи како средство на правдата“, па до крикот на папата Павле VI во Обединетите нации: „Никогаш повеќе војна!“; и до честопати нечуените апели на папата Иван Павле II за спречување на катастрофалните конфликти на Блискиот Исток, наследниците на Петар постојано го подигале својот глас, со пророчка проникливост и со реализам, иако за жал честопати останувале неслушнати.

Главниот референтен текст е Катехизмот на Католичката црква, кој го признава правото на легитимна самоодбрана, но поставува строги услови дури и за одбранбена војна:

„Штетата што ја нанесува агресорот на нацијата или на заедницата на народите мора да биде трајна, сериозна и сигурна; сите други средства за нејзино запирање мора да се покажат како непрактични или неефикасни; мора да постојат сериозни изгледи за успех; употребата на оружје не смее да предизвика зла и нереди потешки од злото што треба да се отстрани. Моќта на современите средства за уништување има многу голема тежина при оценувањето на овој услов.“

Кој денес може да порекне дека човештвото се наоѓа на работ на пропаст токму поради ескалацијата на конфликтите и моќта на овие современи средства за уништување?

Ова „не“ на војната се повторуваше со сè поголема сила и во понтификатот на папата Фрањо, кој во енцикликата Fratelli tutti од 2020 година напиша: „Војната лесно може да се избере со повикување на разни наводно хуманитарни, одбранбени или превентивни причини, па дури и преку манипулација со информации. Во последните децении, секоја војна беше наводно оправдана… Прашањето е дали развојот на нуклеарно, хемиско и биолошко оружје и огромните, сè поголеми можности што ги нудат новите технологии ѝ дадоа на војната неконтролирана разорна моќ врз голем број невини цивили. Вистината е дека човештвото никогаш немало толкава моќ над себе, а ништо не гарантира дека ќе ја користи мудро. Повеќе не можеме да размислуваме за војната како за решение, зашто нејзините ризици речиси секогаш ќе бидат поголеми од нејзините наводни придобивки… Никогаш повеќе војна!“

Неговиот наследник, папата Лав XIV, го постави мирот меѓу средишните теми на својот понтификат. Соочен со лудилото на ескалацијата на конфликтите и со несразмерното трошење за вооружување, тој продолжува по патот што го отворија неговите претходници, повикувајќи на мир, дијалог и преговори со реализам и пророчка јасност. Масакрите врз цивилите во последните години ја потресоа совеста на милијарди луѓе ширум светот, кои го вперуваат погледот кон Римскиот епископ. Како Исус во Гетсиманија, папата Лав нè повикува мечот да го вратиме во неговата ножница: „Насекаде има закани, а нема повик да се слушаме и да се обединиме“, рече тој на Молитвеното бдение на 11 април. Тој објасни дека „оние што се молат се свесни за своите ограничувања; тие ниту убиваат ниту се закануваат со смрт. Смртта ги поробува оние што му го свртеле грбот на живиот Бог, претворајќи се самите себе и сопствената моќ во нем, слеп и глув идол, кому му ги жртвуваат сите вредности, барајќи целиот свет да му се поклони. Доста со идолопоклонството на себеси и на парите! Доста со покажувањето моќ! Доста со војната! Вистинската сила се покажува во служењето на животот.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести, Колумни

За авторот