Во петок 24 октомври 2025 година во базиликата Сан Клементе во Рим, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов на гробот на Свети Кирил Солунски го предводеше Молебенот, во заедништво со протојереј ставрофор отец д-р Зоран И. Стојанов, протојереј отец Гоце Костов и отец Трајче Ташев.
Во проповедта епископот Стојанов истакна дека светите Кирил и Методиј со нивното дело направија словенските народи подобро да се разбираат и да му искажуваат слава на Бога, спротивно на она што денес се случува. Затоа повика да се потсетиме на нивното дело и да бидеме миротворци во овој свет. Потоа ја истакна важност за единство на Црквата и поврзаноста на македонскиот народ со Црквата во Рим.
Во попладневните часови ходочесничката група поминаа низ Светите врати на Папската базилика Свети Иван Латерански во Рим, а потоа се приклучија на светата Литургија на ходочесничката група од Словачка.
к.мк

