Ватикан објави подготвителни документи за Синодaта за синодалност

Ватикан објави подготвителни документи за Синодaта за синодалност

„Целата Црква е повикана да се справи со тежината на културата проткаена со клерикализам што ја наследи од својата историја и со оние форми на владеење во кои се појавија разни форми на злоупотреба“, стои во документот.

Ватикан во вторник 7 септември 2021 година објави подготвителен документ и прирачник за Синодата за синодалност во 2023 година, со цел бискупиите ширум светот да ги понудат своите ставови за ова прашање.

Според подготвителниот документ, синодалноста ќе им даде на католиците „можност да замислат поинаква иднина за Црквата и нејзините институции, истовремено задржувајќи ја мисијата која ја прими“.

Одлуката за „заедничко патување“ е наречена „пророчки знак за човечкото семејство на кој му треба заеднички проект преку кој може да се трага по доброто за сите“.

Соборот на синодата ќе се одржи во октомври 2023 година во Рим, но синодалниот процес ќе започне веќе следниот месец на бискуписко ниво.

Иако честопати се разговараше за синодалноста за време на понтификатот на папата Фрањо, концептот е сѐ уште релативно непознат за просечниот католик, па затоа со објавениот документ се објаснува синодалниот процес и неговите теолошки корени.

Синодалноста „е многу повеќе од црковни средби и бискупски собори или прашања за обичната внатрешна црковна администрација. Станува збор за специфичен начин на живот и дејствување на Црквата, Божјиот народ, кој ја открива и дава суштината на нејзиното постоење како заедница во која сите нејзини членови патуваат заедно, приустни на собор и имаат активна улога во евангелското послание“, се објаснува во документот.

Иако синодалните средби вклучуваат и клерици и лаици, само свештениците имаа право на глас. Ова полека се менува за време на понтификатот на папата Фрањо, а сестра Натали Бекварт, која стана потсекретарка на Епископската синода, ќе биде првата жена што ќе гласа на синодата.

Главните столбови на Синодалната црква се заедништвото, учеството и посланието, под водство на Светиот Дух и наслушнување на Светото Писмо, а локалните Цркви се повикани да се вклучат во процесот на слушање на верниците според објавените упатства.

Генералниот секретар на Епископската синода, кардиналот Марио Греч, за време на прес -конференција објасни дека синодалниот процес официјално ќе започне на 9 октомври со света Литургија, која ќе ја отслужи папата Фрањо, а бискупиите се поканети да го започнат својот повик со слушање на верниците една седмица подоцна.

До 10 април 2022 година, после процес на „молитва и слушање“, локалните цркви ќе издадат документ не подолг од 10 страници и ќе го испратат во Рим. Работниот документ (Instrumentum Laboris) ќе биде објавен во септември 2022 година, кој ќе служи како водич за континенталните и регионалните синодски совети, кои ќе се одржат пред март 2023 година. Резултатот од работата на овие совети ќе биде испратен во Рим за да се состави втор работен документ за самиот собор на Епископската синода во октомври 2023 година.

Меѓу целите на синодалниот пат што наскоро ќе започне е да се преиспита како Црквата управува со одговорноста и моќта „ изнесувајќи ги на виделина и обидувајќи се да се преобрнат предрасудите и погрешните практики кои не се вкоренети во евангелието“.

„Целата Црква е повикана да се позанимава со тежината на културата проткаена со клерикализам што ја наследи од својата историја и со оние форми на владеење кои пораснаа во различни форми на злоупотреба“, стои во документот.

Текстот, исто така, ја нагласува потребата да се обрне внимание на гласот на жените, христијанските заедници кои живеат во земји каде христијаните се малцинство и страдаат од прогонства, како и отфрлање на фундаментализмот.

„Ако од една страна секуларниот менталитет се обидува да ја исфрли религијата од јавниот простор, од друга страна верскиот фундаментализам, без почитување на слободата на другите, храни форми на нетолеранција и насилство кои исто така се рефлектираат и во христијанската заедница и нејзиниот однос кон општество“, се вели во документот.

Обраќајќи им се на новинарите, кардинал Греч ги замоли да не ја „ограничуваат синодата“ користејќи ги механизмите на сензационализам.

„Она што Светиот Отец го очекува од оваа Синода е да ја смести целата Црква во услови во кои може да живее автентично синодално искуство“, додаде кардинал Греч, заклучувајќи дека клучната работа за синодалната Црква е да остварување на „заедничко одење“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот