Генерална аудиенција: Воскресението го преобразува секој аспект од нашиот живот

Генерална аудиенција: Воскресението го преобразува секој аспект од нашиот живот

Продолжувајќи ја својата катехеза за Пасхалната тајна на неделната Генерална аудиенција, папата Лав XIV размислуваше за Христовата понизност во Воскресението.

Кога Христос воскресна од мртвите, Тој не им се објави на Своите ученици опкружен со ангели, не изврши чудесни дела ниту одржа големи говори за да ги открие тајните на вселената, ги потсети папата Лав верниците на Генералната аудиенција во среда, 8 октомври 2025 година.

Неговото Воскресение беше исполнето со понизност преку едноставни и обични гестови. Се појавуваше како градинар, странец или патник. Таму каде што ние, како и учениците, би очекувале силни знаци, извонредни докази или необични настани, Исус го избра јазикот на близина, на едноставност, на заедничка трпеза.

Овој изненадувачки аспект на Воскресението, рече Папата, содржи драгоцена порака за нас: Воскресението не претставува ненадеен пресврт, туку тивка преобразба која внесува смисла во секое човечко дејство. Христовата Пасхална тајна ни покажува дека сè, дури и наједноставниот човечки гест, може да стане место на благодат.

Папата Лав додаде дека постои пречка што често нè спречува да го препознаеме Христовото присуство во секојдневниот живот – илузијата дека радоста мора да биде без болка.

Учениците на патот кон Емаус беа обесхрабрени кога нивните надежи за Месијата беа разбиени, потсети Папата. Но, Исус им помогна да сфатат дека тагата и страдањето не ја поништуваат Божјата верност, туку токму преку нив Бог ја открива Неговата голема љубов.

Воскресението Христово, рече Папата, нè учи дека ниту една животна приказна не е толку исполнета со болка или вина за да не може да биде посетена од надежта; ниту еден пад не е последен, ниту една ноќ трае засекогаш, ниту една рана не останува без исцеление.

Колку и да се чувствуваме далеку, изгубени или недостојни, не постои растојание што може да ја изгасне силата на Божјата љубов.

Папата Лав истакна дека токму во најтемните мигови од животот Исус ни приоѓа, барајќи да Му дозволиме да остане со нас и да ги загрее нашите срца.

„Да молиме, затоа, за благодат да го препознаеме Неговото присуство,“ рече Папата, „за да не бараме живот без искушенија, туку да откриеме дека секоја болка, кога е исполнета со љубов, може да стане место на заедништво.“

„И така,“ заклучи тој, „да се вратиме и ние во нашите домови со срца што горат од радост – едноставна радост што не ги брише раните, туку ги осветлува; радост родена од сигурноста дека Господ е жив, дека Тој оди со нас и дека секој миг нуди можност за нов почеток.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот