Во Аргентина започнаа активностите за изградбата на првото светилиште во светот посветено на блажениот Карло Акутис, кој на 27 април 2025 година ќе биде прогласен за светец во Ватикан, пренесува порталот Laudato.
Работата за градбата на новото светилиште започна на 12 март 2025 година во градот Чакрас де Корија, кој се наоѓа во надбискупијата Мендоза. Светилиштето ќе биде изградено на парцела од 4,3 илјади квадратни метри, која е донирана на надбискупијата во Мендоза.
Тоа е иницијатива на о. Освалдо Скандура, парох на парохијата „Nuestra Señora del Perpetuo Socorro“и на надбискупот монс. Марсело Коломбо.
Изградбата на светилиштето има за цел да обезбеди место за средба на младите луѓе, кои се вдахновени од побожноста и примерот на блажениот Карло Акутис, кој својот краток живот го посветил на промовирање на Евхаристијата и љубовта кон другите на Интернет. Идниот светец е наречен „Божји инфлуенсер“, бидејќи како тинејџер, фасциниран од Христос и Марија, ги промовирал христијанските вредности преку Интернет. Тој починал на 15-годишна возраст од леукемија.
За изградбата на светилиштето главно ќе се користат материјали како камен и дрво, во согласност со локалниот архитектонски стил на Чакрас де Корија. Работите, кои вклучуваат витражи кои ја раскажуваат животната приказна на Акутис, се очекува да бидат завршени до крајот на 2027 година. Проценетите трошоци за изградба се околу еден милион долари, а целосно ќе бидат финансирани од донации, пишува порталот Laudato.
Ика/к.мк