Папата Лав XIV го посети археолошкото наоѓалиште Хипон во Анаба, Алжир

Папата Лав XIV го посети археолошкото наоѓалиште Хипон во Анаба, Алжир

Враќајќи се во земјата по која чекорел неговиот духовен отец, Свети Августин, папата Лав XIV на вториот ден од своето апостолско патување во Алжир го посети археолошкото наоѓалиште Хипон во Анаба.

Следејќи ги стапките на Свети Августин, папата Лав XIV во вторник, 14 април 2026 година, го посети археолошкото наоѓалиште Хипон во денешна Анаба, на вториот ден од своето апостолско патување во Алжир.

Античкиот Хипон, односно Хипон Региј, денес познат како Анаба, бил значаен крајбрежен град и важен економски центар на Римското Царство. Свети Августин таму служел како епископ од 396 година до својата смрт во 430 година, до 75-годишна возраст, во време кога градот бил под опсада од Вандалите.

До денес се зачувани повеќе остатоци од римскиот град, меѓу кои поплочен форум, театар, пазар, бањи, цистерни и фигуративни мозаици. Исто така, сочувани се и христијански елементи од тој период, вклучително и таканаречената Базилика на мирот, каде што Свети Августин ја извршувал својата служба, како и крстилница.

Под облачно и бурно небо, папата Лав XIV беше пречекан на археолошкото наоѓалиште од официјален претставник. Во далечината се издигаше базиликата „Свети Августин“, каде што подоцна во текот на денот Папата ја предводеше светата Литургија.

Потоа Светиот Отец положи венец со цвеќе и застана накратко во молитва меѓу древните камења на земјата по која некогаш чекорел неговиот духовен отец. По молитвата засади маслиново дрво и го слушна хорот од Музичкиот институт во Анаба, кој изведе песни засновани на текстови од Свети Августин за мирот и братството.

Иако папата Лав XIV е првиот Папа што го посетил Алжир, во своето обраќање до државните власти на 13 април потсети дека Анаба веќе ја посетил двапати, во 2004 и во 2013 година, „како духовен син на Свети Августин“.

„Благодарен сум за таинствениот план на Божјата промисла, кој ми овозможи повторно да се вратам тука, сега како наследник на Петар“, рече тој.

За време на летот од Рим кон Алжир, Папата исто така истакна дека Свети Августин „претставува многу важен мост во меѓурелигискиот дијалог“ и дека „е многу сакан во својата татковина“.

„Можноста да ги посетам местата поврзани со животот на Свети Августин, каде што служел како епископ во градот Хипон, денес Анаба, за мене е вистински благослов“, рече Папата.

„Верувам дека тоа е благослов и за Црквата и за светот, зашто секогаш сме повикани да бараме мостови што градат мир и помирување.“

Следната станица од програмата на папата Лав XIV е посетата на дом за стари лица, кој го водат Малите сестри на сиромашните. Потоа следуваше приватна средба со членовите на Августинскиот ред во нивната заедничка куќа, пред да ја предводи светатаа Литургија во базиликата „Свети Августин“.

На крајот од денот, Светиот Отец се врати со авион во главниот град Алжир.

Следниот ден, во среда, 15 април, тој треба да отпатува за Камерун, втората етапа од неговото апостолско патување, кое продолжува и во Ангола и Екваторска Гвинеја.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот