Епископот Стојанов ги изложи моштите на свети Стефан првомаченик за чествување во црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Струмица
Во предвечерието на празникот Свети Стефан првомаченик и архиѓакон, 8 јануари 2025 година, во дворот на црквата „Раѓање на свети Иван Крстител“„ во Струмица свечено се пречекани моштите на првомаченикот на Црквата, Стефан, кој ги донесе Н.В.П. монсињор д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх.
По свечениот пречек, епископот Стојанов, предавајќи ги моштите на парохот протојереј отец Гоце Костов, обраќајќи се на присутните рече: „Браќа и сестри во Христа, со голема радост денес го донесуваме овој голем дар во оваа наша парохија – моштите на првиот маченик и архиѓакон, Свети Стефан. Овие свети мошти нека бидат во трајно поседување на оваа парохија за да измолите спасение преку застапништвото на свети Стефан.“
Потоа следуваше процесија и свечен влез во Црквата со моштите, кои беа поставени на посебно украсено место, по што епископот Стојанов упати молитва до свети Стефан, а Величе Илиева го прочита житието.
Свеченоста продолжи со Свечена Вечерна и благослов на петолебие. За време на проповедта епископот Стојанов зборуваше за традицијата на чествување на моштите во Црквата.
Свеченоста заврши со миросување на верниот народ, а верниците имаа можност да ги чествуваат моштите на свети Стефан првомаченик и архиѓакон до полноќ.
к.мк