Деца од Македонија учествуваа на Првиот светски ден на децата во Рим

Деца од Македонија учествуваа на Првиот светски ден на децата во Рим

Деца од Македонија, учествуваа на првиот Светски ден на децата кој се одржа во Рим на 25 и 26 мај 2024 година. Македонија ја претставуваа 4 деца од Скопје и четворица возрасни кои ги придружуваа. Организацијата на оваа средба ја иницираше и спроведе Движењето на фоколарите, со благослов на бискупот Стојанов.

Во Рим пристигнаа на 24 мај, еден ден претходно и имаа можност во Центарот на делото на Марија во Рока ди Папа да се сретнат со други осумдесетина деца кои пристигнаа од најразлични страни на светот: Бразил, Света Земја, Нигерија, Бурунди, Португалија, Хрватска и Словенија. Преку дружење имаа можност да се запознаат меѓу себе и да го посетат Центарот Кјара Лубик. Потоа се сретнаа и со Маргарет Карам, претседателката на Движењето на фоколарите и Хесус Моран Чепедано, допретседател. На средбата со децата тие одговараа на нивните прашања и ги охрабрија и подготвијa за средбата со Светиот Отец.

Во сабота на 25 мај многу деца од целиот свет се сретнаа со папата Фрањо на Олимпискиот стадион во Рим. На почетокот децата во свечена поворка, во народни носии ги претставија своите 100 земји од кои доаѓаат, меѓу кои и Македонија. Несеомнено полниот стадион со деца остави голем впечаток на сите присутни, а Папата остана со нив скоро два часа.

Во недела децата од Македонија, заедно со нивните врсници од целиот свет присуствуваа на света Литургија на плоштадот Свети Петар, која ја предводеше папата Фрањо.

Децата учесници од Македонија од средбата се вратија со незаборавни спомени и впечатоци и желба да ја пренесат пораката на Папата на своите пријатели во домот, училиштето и парохијата и секако ќе се обидат советите на папата Фрањо да ги спроведат во својот живот и да бидат иницијатори на промените.

к.мк/Томислав Микулец

Категорија: Вести, Македонија

За авторот