Папата: Да молиме за застапништвото на Дева Марија за мир во светот

Папата: Да молиме за застапништвото на Дева Марија за мир во светот

По катехезата пред молитвата „Ангел Господов“, во недела 4 октомври 2026 година, папата Лав XIV повторно ги повика верниците да молат Бројаница, приклучувајќи се на иницијативата на „Помош на Црквата во неволја“: „Особено да молиме за Светата Земја и за невините жртви на насилството“. Тој ја изрази и својата радост поради многубројните иницијативи посветени на свети Фрањо Асишки и најави период на синодално расудување за семејството што ќе се одржи во Ватикан, десет години по Amoris Laetitia.

Апел за прекин на војните и за градење мир. Папата повторно го упати овој повик по молитвата „Ангел Господов“, која ја предводеше од прозорецот на Апостолската палата. Како што направи и за време на неодамнешната посета на Лурд во Франција, тој повторно ги повика сите да молат Бројаницата за мир и единство во светот, придружувајќи им се духовно на децата кои веќе го прават тоа преку иницијативата на „Помош на Црквата во неволја“, „Еден милион деца молат Бројаница“.

Молитва за ослободување од неволјите на војната

„Од срце им благодарам на сите момчиња и девојчиња кои се приклучуваат на оваа молитва во толку многу делови од светот. Да го следиме сите нивниот пример, повикувајќи го застапништвото на Дева Марија, за народите да бидат ослободени од неволјата на војната. Особено да молиме за Светата Земја и за невините жртви на насилството.“

Кампањата започна на почетокот на октомври со Папата во Ватиканските градини и ќе продолжи до 7 октомври, споменот на Пресвета Богородица на Светата Бројаница. На тој начин епархиите, парохиите, училиштата, заедниците и семејствата на различни континенти можат да го изберат денот што им е најсоодветен за молитва на оваа посебна накана.

Семејството, знак на надеж и непроценливо богатство

Потоа папата Лав XIV објави дека, по повод десетгодишнината од Amoris Laetitia, постсинодалнен апостолски поттик на папта Фрањо, следната среда, 7 октомври, ќе започне еднонеделна средба.

Средбата ќе се одржи во негово присуство во салата „Павле VI“, со поглаварите на Источните цркви и претседателите на епископските конференции, со цел да се разгледа состојбата на семејствата денес. Ќе бидат вклучени и сведоштва на епископи и брачни двојки од петте континенти.

Тоа ќе биде можност да се слушне гласот на Црквата во време на длабоки промени и да се бараат начини за обновување и зајакнување на одлуката за брак, кој во различни средини во текот на изминатите децении бележи значителен пад. Папата го опиша собирот со следниве зборови:

„Тоа ќе биде време на синодално расудување за да се препознаат чекорите што треба да се преземат за да се навестува Евангелието денес меѓу семејствата и помладите генерации. Оваа задача ја доверувам на вашите молитви и, пред сè, на семејствата кои, со Божја помош, се знак на надеж и непроценливо богатство за Црквата и за општеството.“

Сеќавање на свети Фрањо

Потоа Папата повторно го посочи свети Фрањо како пример, како што направи и во катехезата по повод 800-годишнината од смртта на свети Фрањо Асишки. Тој ја изрази својата радост поради многубројните иницијативи за одбележување на годишнината, особено оние што се одржаа во Асизи со учество на највисоките државни претставници на Италија.

Тој упати и посебен поздрав: „Ги поздравувам и радиоаматерите од Асизи и Фолињо, кои ја шират пораката за мир на свети Фрањо.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Вести

За авторот