Кардинал Паролин: За Папата преговарањето не е предавање, туку услов за праведен и траен мир
По зборовите на папата Фрањо за Украина на швајцарската радио-телевизија, државниот секретар кардинал Пјетро Паролин интервенира на ова тема во интервју за „Corriere della Sera“: „Светот ризикува нуклеарна ескалација“.
Го објавуваме целосниот текст од интервјуто дадено на Џан Гвидо Веки од страна на државниот секретар кардинал Пјетро Паролин, објавено во вторник 12 март 2024 година во дневниот весник Corriere della Sera.
Ваше Високопреосвештенство, изгледа многу јасно дека Папата бара преговори, а не предавање. Но, зошто се обраќа само на една од двете страни, Украина, а не и на Русија? И дали евоцирањето на „поразот“ на нападнатите како мотивација за преговарање не ризикува да биде контрапродуктивно?
„Како што потсети директорот на Канцеларијиата за печат на Светиот Престол, цитирајќи ги зборовите на Светиот Отец од 25 февруари, апелот на Папата е дека „се создадени услови за дипломатско решение во потрага по праведен и траен мир“. Во оваа смисла, очигледно е дека создавањето на такви услови не зависи само од едната страна, туку и од двете, а првиот услов изгледа дека е токму ставање крај на агресијата. Никогаш не смееме да го заборавиме контекстот и, во овој случај, прашањето што му беше поставено на Папата, кој како одговор зборуваше за преговарање и, посебно, за храброста на преговарањето, што никогаш не е предавање. Светиот Престол ја следи оваа линија и продолжува да бара „прекин на огнот“ – а агресорите треба да бидат тие што ќе го прекинат огнот – а со тоа и отворање на преговорите. Светиот Отец објаснува дека преговарањето не е слабост, туку сила. Тоа не е предавање, туку храброст. И тоа ни кажува дека мора да бидеме повеќе внимателни за човечкиот живот, за стотиците илјади човечки животи кои се жртвувани во оваа војна во срцето на Европа. Тоа се зборови кои важат и за Украина и за Светата Земја и за другите конфликти кои го крвават светот“.
Дали се уште има шанси да се дојде до дипломатско решение?
„Бидејќи тоа се одлуки кои зависат од човечката волја, секогаш останува можноста да се дојде до дипломатско решение. Војната започната против Украина не е резултат на неконтролирана природна катастрофа, туку само на човековата слобода, а истата човечка волја што ја предизвика оваа трагедија, исто така, има можност и одговорност да преземе чекори за да и стави крај и да го отвори патот кон дипломатско решение“.
Дали Светиот Престол е загрижен за ескалација? И самиот зборувавте за тоа, велејќи дека хипотезата за вклучување на западните земји е „страшна“.
„Светиот Престол е загрижен за ризикот од продолжување на војната. Зголеменото ниво на конфликти, експлозијата на нови вооружени судири, трката во вооружување се драматични и вознемирувачки знаци во оваа смисла. Проширувањето на војната значи нови страдања, нови смртни случаи, нови жртви, нови разурнувања, кои се додаваат на оние на украинскиот народ, посебно децата, жените, постарите и цивилите, ги доживува со своето тело, плаќајќи ја претерано високата цена на оваа неправедна војна“.
Папата Фрањо зборуваше и за израелско-палестинскиот конфликт, потсетувајќи на „одговорноста“ на завојуваните страни. Што имаат заедничко двете ситуации?
„Двете ситуации секако имаат заедничко, а тоа е што опасно се проширија над секоја прифатлива граница, дека не можат да се решат, дека имаат последици во неколку земји и дека не можат да најдат решение без сериозни преговори. Загрижен сум за омразата која се создава. Кога ќе можат да зараснат толку длабоки рани?“
Сè уште на тема ескалација: Папата неколку пати зборуваше за опасност од нуклеарен конфликт, „една несреќа е доволна“, дали е ова основниот страв на Светиот Престол? „Несреќата“ како во Сараево 1914?
„Ризикот од фатален нуклеарен „дрифт“ не е отсутен. Погледнете ја само зачестеноста со која одредени владини претставници прибегнуваат кон оваа закана. Можам само да се надевам дека ова е стратешка пропаганда, а не „предупредување“ за вистински можен настан. Што се однесува до „основниот страв“ на Светиот Престол, верувам дека попрво различните актери во оваа трагична ситуација уште повеќе ќе се затворат во своите интереси, не правејќи го она што е потребни за да се постигне праведен и стабилен мир.“
Ватикан њуз/к.мк