„Сeкое ваше дело нека биде во љубов“ (1 Kor 16,14)[1].
Овој месец, како светлина на нашиот пат, да се просветлиме од зборовите и искуството на апостол Павле. Тој и нам, како и на христијаните во Коринт, ни навестува моќна порака: срцето на Евангелието е љубов, агапе, несебична љубов помеѓу браќата.
Ова Слово на животот е земено од заклучокот на посланието, во кое љубовта постојано се споменува и толкува во сите нејзини нијанси: љубовта е трпелива, добронамерна, ја сака вистината, не ја бара сопствената…
Меѓусебната љубов што се живее на овој начин во христијанската заедница е спас за поделбите кои секогаш ѝ се закануваат и е знак за надеж на целото човештво.
„Сeкое ваше дело нека биде во љубов“
Интересно е што Павле – во грчкиот текст – нè поттикнува да дејствуваме „пребивајќи во љубовта“, како да нè упатува на постојана состојба, пребивајќи во Бога, Кој е Љубов.
Навистина, како можеме да се прифатиме еден со друг и секој човек со таков став, ако не прeпознаеме дека Бог прв нè засакал, дури и во нашата кревкост?
Токму оваа обновена свест ни овозможува без страв да се отвориме кон другите, со цел да ги разбереме нивните потреби и да бидеме со нив, споделувајќи материјални и духовни добра.
Ајде да видиме како Исус го направил тоа; Тој е наш пример.
Тој секогаш прв давал подароци: „[…] здравје на болните, прошка на грешниците, живот на сите нас. Тој се спротивставува на себичниот инстинкт на трупање со великодушност; фокусирањето на сопствените потреби се спротивставува со вниманието кон другите; културата на поседување се спротставува со културата на давање. Не е важно дали можеме да дадеме многу или малку. Важно е како даваме, колку љубов вложуваме макар и во мал гест на внимание кон другиот. […] Љубовта е фундаментална затоа што знае како да му пристапи на ближниот, дури и со самиот став на слушање, служење, достапност. Колку е важно […] да се трудиме да бидеме љубов за сите! Така ќе најдеме директен начин да влеземе во срцето на нашиот ближен и да му помогнеме“.
„Сeкое ваше дело нека биде во љубов“
Ова Послание нè учи да им пристапуваме на другите со почит, без лажење, со креативност, давајќи им простор на нивните најдобри аспирации за секој да може да даде свој придонес за општото добро.
Тоа ни помага да ја препознаеме секоја конкретна можност во секојдневниот живот: „[…] од домашни работи или оние на терен, во работилница, канцелариска работа, училишна работа, како и одговорности во граѓанскиот, политичкиот и верскиот живот. Сè може да се претвори во совесно и ревносно служење“.
Би можеле да замислиме како мозаикот на евангелието се живее во едноставност.
Двајца родители пишуваат: „Кога потресена сосетка ни кажа дека нејзиниот син е во затвор, се договоривме да одиме да го посетиме. Постевме ден пред заминувањето, надевајќи се дека ќе ја добиеме благодатта да му ги кажеме вистинските зборови. Потоа ја плативме и кауцијата за да го ослободаат“.
Група млади луѓе од Буеа (југозападен Камерун) организираа собирање стоки и средства за помош на Раселените во земјата поради војната. Тие посетиле маж кој ја загубил раката при бегството. Животот со таков хендикеп му станал голем предизвик бидејќи неговите навики драстично се промениле. „Ни кажа дека нашата посета му дала надеж, радост и самодоверба. Преку нас ја почуствува Божјата љубов“, ни изјави Регина. Марита додаде: „По ова искуство, навистина сум убедена дека ниту еден подарок не е премал ако се дава со љубов… Ништо друго не е потребно: љубовта е таа што го движи светот“. Ајде да го доживееме тоа!“
Подготвено од Летиција Магри и тимот на Слово за живот
[1] Ова Слово на животот за феврари група на христијани од различни цркви во Германија одлучиле да го живеат во текот на целата година.