Запознајте ја брачна двојка од Мадрид која посвојува деца со попреченост

Запознајте ја брачна двојка од Мадрид која посвојува деца со попреченост

Карлос и Кристина сфатија дека се родени за да се грижат за деца со болести и за деца кои немаат љубов од своите родители.

Кристина и Карлос се католички пар од Мадрид со големо семејство. Трагедијата на животот им ги отвори срцата кон повикот во рамките на брачниот повик – пишува “Светлина на зборот”.

Педро, нивното осмо дете, се роди со малформации на белите дробови, срцето и мозокот и немаше очи.

– Неговиот животен век беше многу краток, а секој ден од неговиот живот беше подарок, и така го живеевме – објаснува Кристина на видеото од фондацијата Infinity Plus One.

Поради состојбата на Педро, Кристина и Карлос мораа постојано да доаѓаат и да одат во болничкото одделение каде што беше нивниот син. Преку многу посети, тие забележале деца во истото одделение со разни потешкотии како им недостасуваат родители. Тие почнаа да поминуваат време со овие деца и преку овие средби ја открија Витлеемската куќа (‘Casa Belén’), дом за деца со попреченост, управуван од сестрите Ќерките на Божјата љубов. Кристина и Карлос ги отворија своите срца и со тоа им ги отворија вратите на нивниот дом на овие деца.

Педро беше многу сакан за време на неговиот краток живот – почина на петгодишна возраст. Но, тоа искуство во болницата сепак остави впечаток на Кристина и Карлос.

– Сфативме дека сме родени да се грижиме за деца со болести кои мора да бидат хоспитализирани и да бидат сами, а кои немале љубов од своите родители. Моравме да сториме повеќе – изјави Кристина за Infinity Plus One.

Започна нова фаза за Кристина и Карлос. Во Витлеемската куќа тие присуствуваа на курс за посвојување и токму тогаш го посвоија нивниот син Хавиер. Хавиер е роден предвреме, во 27-та недела. Тој надмина мозочен удар, операција на срце, илеостомија и од првиот ден на нивната грижа, Хавиер започна да се менува. Сега има пет години и е многу среќно дете.

После тоа, од семејството било побарано да посвојат девојче со микроцефалија, Клаудија. Клаудија беше во полоша форма од Хавиер. Карлос ја носел во семејната куќа секој ден и ја враќал во Витлеемската куќа секоја вечер, сè до моментот на целосно посвојување. За жал, Клаудија почина само три дена откако се пресели целосно во семејната куќа. Соочени со трагедијата, парот се соочил со прашањето дали премногу барале од своите други деца?

– Не се плашиме од смртта. Се плашиме од болката што останува после тоа – изјави брачната двојка.

Тие се свесни дека ова може да ги направи тажни нивните деца, сепак Карлос објасни како плодовите на љубовта го прават страдањето вредно.

– Ако семејството се чувствува тажно, тоа е затоа што ние ги сакавме и ако ги сакавме, тоа е нешто што секое дете можеше да го забележи и почувствува. Можеби се многу болни и изгледа дека не се свесни за таа љубов, но ја забележуваат“ – рече Карлос.

Парот објаснува како Витлеемската куќа обезбедува одлична грижа, но посебната љубов и топлината во семејниот дом се посебни и тие прават многу добро за овие деца. Нема дете кое не ја забележува љубовта и топлината на семејството.

Нивната вера ги прави благодарни на Бога за овој повик. Кристина рече дека во нив нема ништо посебно и дека тие не се разликуваат од другите.

– Ние сме многу грешни, многу мали, склони кон лутина, подготвени за борба, за сè. А сепак, Бог ни го довери овој дар – рече Кристина.

Карлос на крајот призна дека е најсреќен кога им служи на децата, а особено кога се грижи за децата со попреченост.

Отвореноста на ова семејство кон Божјиот повик е навистина за восхит. Нека овој пример ги охрабри сите да бидат отворени кон Бога и кон неговото дело. Никогаш нема да знаеме какви убави дела можат да одат по овој свет со помош на нашите раце и нозе, со благодатта Божја, ако не сме отворени кон Него.

Свјетло ријечи/к.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот