Папата Фрањо во аудиенција ја прими премиерката на Република Уганда

Папата Фрањо во аудиенција ја прими премиерката на Република Уганда

Светиот Отец во понеделник, 24 јули 2023 година ја прими во аудиенција премиерката на Република Уганда Робина Набања.

Меѓу темите опфатени за време на разговорот, Папата беше трогнат од великодушното добредојде на мигрантите и бегалците од институциите на Уганда, не само од африканскиот регион, туку и од земјите од Централна Азија, изјави директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни.

Според агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР, Република Уганда примила околу 1,5 милиони бегалци и баратели на азил. Многу од нив доаѓаат од Јужен Судан, Демократска Република Конго и Бурунди.

Подароци кои симболизираат мир

Папата Фрањо и премиерката на Република Уганда, Робина Набања разменија подароци. Папата на угандската премиерка ѝ подари бронзена статуа која претставува гулаб кој носи маслиново гранче во клунот. Натписот на статуата гласи: „Бидете гласници на мирот“. Меѓу подароците имаше и Папски документи: Пораката на Папата за овогодинешниот Светски ден на мирот, Документот за човечкото братство и книгата за Statio Orbis од 27 март 2020 година, објавена од Ватиканската издавачка куќа.

Средба во Државниот секретаријат

Во вторник, 25 јули, премиерката на Република Уганда Робина Набања се сретна со државниот секретар на Светиот Престол, кардинал Пјетро Паролин и надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар за односи со државите и меѓународните организации.

Во срдечниот разговор одржан во Државниот секретаријат беа споменати добрите односи меѓу Светиот Престол и Република Уганда, а беше истакната и улогата на Католичката црква во таа земја. Тоа беше поволна можност да се разговара за прашања од заеднички интерес и да се разменат мислења за состојбите во регионот.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот