Папата Фрањо катехезата на Генералната аудиенција на 28 јуни 2023 година ја посвети на австралиската светица Мери Мекилоп, која се посвети за образование на сиромашните: „Таа се бореше за човечки раст, а не да ги полни главите со идеи. Нејзината визија е потполно актуелна за образовниот пакт кој е способен да ги обедини семејствата, училиштата и општествата“.
Нема светост ако на некој начин нема грижа за сиромашните, оние во потреба, оние кои се на маргините на општеството. Се трошат пари за производство на оружје, наместо за подготвување оброци – истакна папата Фрањо на плоштадот Свети Петар, на првата Геенрална аудиенција по операцијата на абдоменот, а последна пред летниот распуст, затоа штој до крајот на јули, нема да има никакви аудиенции.
Ревноста на Мери Мекилоп
Папата минатиот месец започна со серија катехези за апостолскиот жар, во кои сите се фокусираа на примерни ликови на мажи и жени од сите времиња и места кои ги дадоа своите животи за евангелието. По Исусовецот и мисионер Матео Ричи, корејскиот маченик свети Андреј Ким Тае-гон, Света Тереза од Лисије, Светиот Отец денешното размислување го посвети на Мери Мекилоп (1842-1909), австралиска светица, основачка на сестрите на Свети Јосиф од Пресветото Срце, која го посветила својот живот за интелектуална и верска наобразба на сиромашните во рурална Австралија. Таа е пример, пред сè, за образование насочено за човечкиот и духовниот раст на учениците, а не за полнење на нивните глави со идеи. Визијата на таа светителка е сосема актуелна и денес, кога чувствуваме потреба од „воспитен пакт“ кој ќе може да ги обедини семејствата, училиштата и целото општество.
Образованието, важен облик на евангелизација
Мери Мекилоп е еден од обилните плодови што бројните европски доселеници го донеле на многубројните, големи и мали, острови во Океанија. Родена е во близина на Мелбурн во семејство на имигранти од Шкотска, веќе како девојче го почувствувала Божјиот повик да му служи и да сведочи за Христа не само со зборови, туку пред се со својот живот. Мери беше убедена дека и таа е испратена да ја шири Радосната вест и да привлече други да се сретнат со живиот Бог – истакна Папата. Овој повик стана конкретен во служба на образованието на младите, во свеста дека католичкото образование е облик на евангелизација. Ова е важен облик на евангелизација – додаде Светиот Отец.
Ако можеме да кажеме дека секој светец е послание, планот на Отецот кој одразува и сообличува, во одреден момент од историјата, некој аспект од евангелието, кај Мери Мекилоп беше пред се преку основањето на училиштата.
Сиромашни протагонисти
Суштинска карактеристика на нејзината ревност за евангелието беше нејзината грижа за сиромашните и маргинализираните. Ова е многу важно на патот на светоста, кој е христијанскиот пат; – истакна папата Фрањо – протагонисти се сиромашните и маргинализираните, а човек не може да оди напред по патот на светоста ако не им се посвети, на овој или оној начин. Оние на кои им е потребна Господовата помош го донесуваат Господовото присуство.
Еднаш прочитав една реченица што ме погоди: „Протагонистот на историјата се просјаците; тие се оние кои привлекуваат внимание на оваа голема неправда, на големата сиромаштија во светот“. Парите се трошат за изработка на оружје, наместо за подготовка на оброци. И не заборавајте: нема светост ако на некој начин нема грижа за сиромашните, оние во потреба, оние кои се на маргините од општеството.
Образованието не значи да се полни главата со идеи
Оваа свест ја охрабри Мери Мекилоп да оди таму каде што другите не би оделе или не би можеле да одат. На празникот Свети Јосиф, 19 март 1866 година, таа го отвори првото училиште во мало предградие во Јужна Австралија. Следеа многу други, кои таа и нејзините сестри ги основаа во руралните заедници во Австралија и Нов Зеланд. Таква е апостолската ревност: умножува дела – истакна Римскиот бискуп. Мери Мекилоп беше убедена дека целта на образованието е целосен развој на личноста, и како поединец и како член на заедницата и дека за тоа е потребно мудрост, трпение и љубов од секој учител.
Образованието не се состои во тоа да се наполни главата со идеи, туку во придружување и поттикнување на учениците на патот на човечкиот и духовниот раст, покажувајќи им дека пријателството со воскреснатиот Исус го проширува срцето и го прави животот похуман. Едукација и помош за да се размислува добро, да се чувствува добро (јазик на срцето) и да се прави добро (јазик на рацете). Таа визија е потполно актуелна денес, кога чувствуваме потреба од „образовен пакт“ кој е способен да ги обедини семејствата, училиштата и целото општество.
Одбивања и противења
Не само меѓу младите, туку и меѓу сиромашните, Мери Мекилоп презеде различни дела на милосрдие, почнувајќи од „Куќата на Промислата“ отворена во Аделаида за прием на напуштени стари луѓе и деца. Мери имаше голема вера во Божјата промисла: таа секогаш цврсто веруваше дека Бог ќе провиди во секоја ситуација. Но, тоа не ја поштедило од вознемиреноста и тешкотиите што произлегле од нејзиното апостолство. Имала оправдани причини за тоа – истакна Папата – морала да плаќа сметки, да разговара со локалните бискупи и свештеници, да води училишта и да се грижи за професионална и духовна формација на нејзините сестри, а подоцна имала и здравствени проблеми. Сепак, во сето тоа останала мирна, трпеливо носејќи го крстот кој е составен дел од посланието.
Таа светица не се предавала во моментите на искушение и темнина. Сите светци наидувале на противење, дури и во Црквата. Тоа е интересно. И таа наиде на отпор. Дури и кога нејзината радост ја гуши противењето и отфрлањето, Мери останала уверена дека Господ ќе одговори на нејзиниот плач и ќе ја опсипи со Својата благодат. Тоа била тајната на нејзината апостолска ревност – истакна Папата.
Пример за родителите, наставниците, вероучителите
Затоа, нејзиниот пример нека им зборува на денешните верници. Нека мисионерското учеништво на Света Марија Мекилоп, нејзиниот креативен одговор на потребите на Црквата од нејзиното време, нејзината посветеност за целосна формација на младите луѓе нека бидат вдахновение за сите нас кои сме повикани да бидеме евангелски квасец во нашите општества изложени на брзи промени – посака папата Фрањо и на крајот додаде:
Нејзиниот пример и нејзиното застапништво нека ја поддржуваат секојдневната работа на родителите, учителите, вероучителите и сите просветители, за доброто на младите и за похумана иднина полна со надеж.
Ватикан њуз/к.мк