Двесте делегати од цела Европа се собраа во чешкиот главен град Прага за да дискутираат за плодовите од синодалната работа на локално ниво. Европското континентално собрание за третата фаза на Синодата за Синодалност се одржува од 5 до 12 февруари.
За време на неговото апостолско патување во Африка, папата Фрањо потсети на еден од незаменливите аспекти на синодалниот процес – дека бискупите не се „свети бирократи“, ниту менаџери или племенски водачи, туку пастири среде својот народ, пастири кои ги валкаат своите раце.
Поттикот на Папата дојде непосредно пред отворањето на европското собрание за континенталната фаза на синодалниот процес, што се одржува оваа недела во чешкиот главен град Прага.
Седум континентални собранија
Синодалниот процес е пример за различни фази на оваа Синода посветена на тема: „За синодална Црква: заедништво, учество, послание“. Континенталната фаза следи по консултациите во помесните цркви (бискупска фаза), чии резултати беа сумирани на национално ниво (фаза Бискупска конференција/Синоди на ориенталните цркви).
Третата фаза е во тек од објавувањето на Работниот документ за континенталната фаза во октомври 2022 година. Континенталните синодални собранија, кои означуваат составен дел од оваа фаза, се одржуваат во наредните недели: за Океанија, средбите започнаа во недела, 5 февруари, во Сува, Фиџи; Синодалното собрание за Блискиот Исток, ќе се одржи од 12 до 18 февруари, во Бејрут, Либан; за Северна Америка, од 13 до 17 февруари во Орландо, САД; за Азија, од 23 до 27 февруари, во Бангкок, Тајланд; за Африка, од 1 до 6 март во Адис Абеба, Етиопија; и за Латинска Америка, од 17 до 23 март во Богота, Колумбија.
Двесте делегати од цела Европа
Синодалната работа на континентално ниво за Европа беше отворена во недела, 5 февруари 2023 година со света Литургија во црквата на Премонстратензијците во Страхов, со која претседаваше прашкиот надбискуп Јан Граубнер. Средбата – која исто така се одржува на 20-годишнината од постсинодалниот поттик на Свети Иван Павле II, Ecclesia in Europa- е поделена на два дела.
Во првиот дел, околу 200 делегати (156 од 39-те европски бискупски конференции, други 44 лично поканети од CCEE) ќе се сретнат за да ги истакнат предизвиците и можностите на Синодата.
Вториот дел ќе се одржи од 11 до 12 февруари, при што ќе се сретнат 39-те претседатели на бискупските конференции со цел да ги оценат резултатите од дискусиите и да почнат да ја поставуваат синтезата што ќе биде испратена до Генералниот секретаријат на Синодата до март. Со обработката на завршните документи од седумте континентални собранија ќе се добие Instrumentum laboris, кој ќе биде финализиран до јуни 2023 година.
Собирање на плодови на проникливоста од локално ниво
Со цел да обезбеди инструмент за подлабоко распознавање, Документот се засноваше на три прашања: Кои сознанија од локалните консултации најсилно одекнаа; кои прашања треба да се решат во следната фаза; кои приоритети, теми кои се повторуваат и повици за делување треба да се дискутираат на Првата седница на Синодалното собрание во октомври 2023 година.
Делегации кои ја претставуваат различноста на Божјиот народ
На тој начин, континенталната фаза го спојува резултатот од вклученоста на секоја бискупија и бискуп со неговиот синодален тим. Синодата, исто така, има цел да се погрижи целиот Божји народ да биде претставен: бискупи, свештеници, ѓакони, посветени мажи и жени, верници, со посебно внимание за жените и младите. Покрај списокот на учесници на лице место, има и скоро 400 онлајн делегати.
Ватикан њуз/к.мк