На крајот од Генералната аудиенција во среда 28 декември 2022 година папата Фрањо ги повика верниците на „посебна молитва“ за 95-годишниот Бенедикт XVI, кој е многу болен и тивко ја поддржува Црквата.
Директорот на Канцеларијата за печат на Светиот Престол, Матео Бруни во среда на 28 декември 2022 година даде изјава за здравствената состојба на почесниот папа Бенедикт XVI, во која наведе дека во последните неколку часа дошло до влошување, но ситуацијата моментално е под контрола.
Што се однесува до здравствената состојба на почесниот папа за кој папата Фрањо замоли да се моли на крајот од денешната Генерална аудиенција, можам да потврдам дека во последните неколку часа дојде до влошување заради неговата поодмината возраст. Ситуацијата моментално е под контрола, а лекарите постојано ја следат состојбата на почесниот Папа,“ се наведува во соопштението.
За време на Генералната аудиенција вос реда папата Фрањо повика: „Би сакал да ве замолам сите за посебна молитва за почесниот папа Бенедикт XVI, кој во тишина ја поддржува Црквата . Сетете се на него, тој е многу болен, да го молиме Господа да го утеши и да го поддржи до крај во ова сведоштво за љубов кон Црквата“. После Генералната аудиенција, папата Фрањо се упати во манастирот Mater Ecclesia во посета на папата Бенедикт XVI.