Во говорот што го одржа пред богословите од Барселона, Папата истакна дека суштината на посланието на свештеникот е да го направи Христос присутен во Евхаристијата, во Светите Тајни, во Словото, за да се роди во срцата на луѓето
Папата Фрањо во сабота 10 декември 2022 година, во аудиенција ги прими семинаристите од Барселона. Во однапред подготвениот говор, ги потсети што значи да се биде Христов свештеник.
Молитвен живот
На патот на формирањето, посочи Светиот Отец, има две искушенија. Првото се состои во фокусирање на лошите работи, земајќи ги предвид само негативните искуства. Второто покажува идиличен и нереален свет. Запомнете дека кога ќе станете свештеник, вашата прва обврска ќе биде молитвениот живот кој доаѓа од благодарност за таа посебна љубов што Бог ви ја покажал повикувајќи ве во неговата служба. Тоа е првото радосно таинство од кое се раѓа сѐ, истакна Папата. Свештеникот не е господар на душите преку сребро и злато. Неговото богатство е само крепоста на Исусовото име. Тоа значи дека треба да го направите присутен во Евхаристијата, во Светите Тајни, во Словото, за да да може да се роди во срцата на луѓето, ги поттикна семинаристите.
Христови свештеници
Од Светиот Дух доаѓа дарот што го придружува патот на звањето – да се биде Христов свештеник, објасни Папата. Никогаш не престанувајте да уживате и да се потсетувате на таа посебна љубов што се излеа и ќе се излева во вашите срца, во вашето ракополагање и во остатокот од вашите денови. Никогаш не го гаснете тој оган што ќе ве направи бестрашни проповедници на Евангелието, делители на божествените богатства. Соединете го вашето тело со Исусовото, како Марија, за да се жртвувате со него во евхаристиската жртва и во славата на неговата победа.
На крајот, Папата ги поттикна семинаристите да ја земат Бројаницата, да ја замолат Марија, царица и мајка на милосрдието, да им помогне да ги откријат тајните на свештенството и да размислуваат за тајните на нејзиниот Син, прифаќајќи дека радоста на наследувањето и совршеното поистоветување со Крстот е единствениот и вистинскиот пат до славата.
Ватикан њуз/к.мк