Интервју со папата Фрањо за неговата посета на Мексико

Духовна обнова, борба против корупцијата и насилството, посветеност во корист на дијалогот и мирот. Ова се темите на кои папата Фрањо се задржа во интервјуто што го даде за мексиканската новинска агенција „Notimex“ пред неговото Апостолско патување во Мексико од 12 до 18 февруари.

Новинската агенција собра и многу прашања од мексиканските граѓани, за да го реализира ова видео интервју со Светиот Отец, пред неколку дена во домот „Света Марта“.

Во интервјуто Папата истакна дека сака да биде „инструмент на мирот“ заедно со целиот мексикански народ, бидејќи „сам не би можел, тоа би било безумие“, истакна Светиот Отец.

Мексико е држава во која цвета корупцијата, насилството и трговијата со дрога, не е државата, која би сакала да ја види Пресветата Мајка Божја од Гвадалупе”, истакна Папата и повика на „секојдневна борба со корупцијата, со војната, со поделбите, со организираниот криминал и трговијата со луѓе“. „Од ден на ден треба да се бориме за мир, а не за војната“.

Светиот Отец истакна дека „мирот е занаетчиска работа“, која гледа „во начинот на воспитување, или како му се пружа нежност на едно дете“. Сето ова е „сеење на мирот“, бидејќи тој „се раѓа од нежност, од разбирање“. Папата го истакна значењето на дијалогот – „клучниот збор за мирот“: „дијалог меѓу власта и народот, како и меѓу самиот народ“. Дијалогот значи „да сме отворени и да зборуваме со другите, да ги слушаме аргументите на другите, да се согласуваме, кога нѐ поправаат“. „Но можеме ли да разговараме со криминалец?“, запраша реторички Папата, и притоа одговарајќи дека „можеме да разговараме со оние кои можат да го променат срцето на криминалецот“.

Голем дел од интервјуто Папата го посвети на Дева Марија од Гвадалупе. Папата Фрањо изјави дека често, „кога чувствува страв пред некој проблем“, тој ги повторува во себе зборовите на Пресветата Девица: „Не се плаши, со тебе сум јас, твојата мајка“. Папата истакна дека чувствува како таа е „Мајка, која се грижи, го штити, го води својот народ, своето семејство“.

Папата посочи дека очекува неговата посета во Мексико да даде поттик за „духовна обнова“ на мексиканскиот народ:„Затоа станав свештеник, за да ѝ служам на вашата вера, верата на народот“. Папата истакна дека „верата треба да се манифестира и утврдува во животот секој ден, како јавна вера, бидејќи верата нѐ прави посебно силни во моментите на искушение“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот