Папа до христијаните во Каракош: Последниот збор секогаш го има Бог и Неговиот Син

Папа до христијаните во Каракош: Последниот збор секогаш го има Бог и Неговиот Син

Обраќајќи им се на католиците од Каракош, ирачки град со најголема христијанска заедница, каде молеше Ангел Господов, Светиот Отец истакна дека последниот збор не припаѓа на тероризмот или смртта, туку на Бога и Неговиот Син.

Пристигнувајќи во неделата, на 7 март 2021 година, од Мосул до Каракош, папата Фрањо замина во катедралата на „Безгрешно зачнување“ каде се сретна о локалната заедница.

Уништен прероден град

Каракош, кој се наоѓа на 32 километри од Мосул, е главниот христијански град во Ирак. Со повеќе од 50.000 жители, од кои 90% се христијани, летото 2014 година беше нападнат од милитантите на таканаречената „Исламска држава“, кои уништија домови, цркви, библиотеки и други важни згради. Десетици илјади христијани беа принудени да ги напуштат своите домови, барајќи засолниште во ирачки Курдистан. Уништена е и Црквата на „Безгрешно зачнување“, изградена помеѓу 1932 и 1948 година – најголемиот храм не само во градот, туку и во Ирак. Во август 2014 година, напаѓачите го осквернавеа и запалија. По ослободувањето на градот во октомври 2016 година, во катедралата беше поставен импровизиран олтар и беше обновена, но нејзината вистинска реконструкција започна во јануари 2020 година.

Пред да влезе во катедралата, Светиот Отец го пречекаа Неговото Блаженство Игнатиј Јусиф III Јунан, Патријарх на Сириската католичка црква во Антиохија, локалниот архиепископ Јохан Бутрос Моше и парохискиот свештеник. Влегувајќи во катедралата придружуван со песните, Папата од децата доби цвеќе како подарок. По краткиот поздрав од сирискиот католички патријарх и сведочењето на лаикиња и свештеник, на присутните им се обрати Светиот Отец.

Последниот збор не е на злото

„Гледајќи во вас, ја гледам културната и религиозната разновидност на луѓето од Каракош, и тоа ја покажува убавината, која вашиот регион може да ја понуди на иднината. Вашето присуство овде нè потсетува дека убавината не е монотона, но сјае со различност и разлика“, рече Римскиот епископ, додавајќи дека, за жал, се видливи и ефектите од „разорната моќ на насилството, омразата и војната“. „Оваа наша средба“, истакна Папата, „покажува дека тероризмот и смртта никогаш го немаат последниот збор. Последниот збор му припаѓа на Бог и Неговиот Син, победникот над гревот и смртта. Дури и среде пустошот на тероризмот и војната, со очи на вера можеме да ја видиме победата на животот над смртта“.

Зачувајте го наследството

Светиот Отец ги потсети локалните христијани на духовното наследство на нивните татковци и мајки во верата, кои ја одржуваа надежта на својот земен пат, „верувајќи во Бога, кој никогаш не разочарува и секогаш ги поддржува со својата благодат“. „Ова наследство е ваша сила! – потенцираше Папата. „Време е да се обнови и да се започне одново, потпирајќи се на Божјата благодат, која управува со судбината на секоја личност и на сите народи. Вие не сте сами! Целата Црква е со вас, преку молитва и конкретни дела намилосрдие“.

Соништа на староста и пророштво на младоста

„Синовите ваши и ќерките ваши ќе пророкуваат; старците ваши ќе сонуваат соништа и младите ваши ќе гледаат виденија. “ (Јоил 2,28), осврнувајќи се на овој пасус од Стариот завет од книгата на пророкот Јоил, папата Фрањо истакна на важноста за обновување на зградите, но исто така и „врските што ги обединуваат заедниците и семејствата, млади и стари“. Тој објасни дека соништата на постарите се однесуваат на иднината на младите; и младите, слушајќи ги овие соништа, можат да пророкуваат, да ги носат напред. „Кога старите и младите ќе се обединат“, рече Папата, „ги зачувуваме и ги пренесуваме даровите што Бог ги дава. Гледаме кон нашите деца, знаејќи дека тие ќе ја наследат не само земјата, културата и традициите, туку и живите плодови на верата, кои се Божји благослови на оваа земја“.

Молитва до светците во време на искушение

Луѓето во Каракош, како и многу други ирачки градови, ги доживеаја најцрните денови од војната, во кои беше тешко да се одржи верата. Светиот Отец ги повика верниците да се сетат како во тешките времиња Христос е близу. „Не престанувај да сонуваш! Не се откажувај, не губи надеж! Светите нѐ слушаат во небото: да ги повикаме и да не се измориме да бараме нивно застапништво“, охрабри Папата, истакнувајќи дека оваа земја е исклучително богата со свети мажи и жени.

Силата на прошка: љубовта е најсилна

Светиот Отец потоа го коментираше сведочењето на една жена, жителка на Каракош, чиј син и внук починаа за време на нападот во градот во 2014 година. „Мојата вера“, истакна жената на почетокот на средбата, „ми кажува дека моите деца се во прегратките на нашиот Господ Исус Христос“. И ние, живите, се обидуваме да им простиме на напаѓачите, затоа што нашиот Учител Христос им прости на неговите убијци. Наследувајќи го, ние сведочиме дека љубовта е најсилна. „Осврнувајќи се на нејзините зборови, Папата ја истакна важноста на простувањето .„Патот до целосно закрепнување може да биде долг“, рече папата Фрањо, „но ве замолувам да не се обесхрабрувате. Неопходно е да имате способност за простување и во исто време храброст за борба. Знам дека е многу тешко. Но, ние веруваме дека Бог може да донесе мир на оваа земја. Се надеваме на Него и, заедно со сите луѓе со добра волја, ќе му кажеме „не“ на тероризмот и злоупотребата на религијата“.

За благодарноста

Главна тема на сведочењето на отец Амар беше благодарноста: тој му се заблагодари на Бога што му го спаси животот, за поддршката во добро и лошо време. „Секој момент му благодарам на Бога за неговите дарови“, поттикна Светиот Отец, „и го замолуваме да подари мир, прошка и братство на оваа земја и нејзините луѓе“. Никогаш да не се изморуваме да се молиме за преобраќање на срцата и за победа на културата на живот, помирување и братска љубов, почитување на разликите, различните верски традиции, обидувајќи се да изградиме иднина на единство и соработка меѓу сите луѓе со добра волја. “

Папата го довери заживувањето на Каракош на застапувањето на Богородица

Наследникот на Свети Петар истакна дека при пристигнувајќи во Каракош со хеликоптер и гледајќи во статуата на Богородица во катедралата на „Безгрешното зачнување“,на неа и го доверил заживувањето на овој град. „Пресвета Богородица не само што нѐ штити одозгора, туку и доаѓа кај нас со мајчинска нежност. Нејзината слика тука беше ранета и газена, но лицето на Богородица продолжува да гледа во нас со нежност. Затоа што тоа го прават мајките: тие тешат, поддржуваат, даваат живот“, рече Папата, изразувајќи благодарност до сите мајки и жени во Ирак, кои и покрај злоупотребата и раните, продолжуваат да го даваат својот живот. „Жените треба да бидат почитувани и заштитени! Треба да  им се даде соодветно внимание и можности! “- потенцираше папата Фрањо, повикувајќи ги присутните да се придружат во молитвата кон Богородица, доверувајќи се на нејзино застапништво.

Средбата заврши со молење на Ангел Господов, по што Светиот Отец замина за Ербил.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот