По повод Светски ден на лицата со посебни потреби, 3 декември, Папата посакува сите христијански заедници да бидат места каде припадноста и инклузивноста не остануваат зборови изговорени во одредени прилики, туку стануваат цел на редовна пасторална работа.
Во ова време, во кое секојдневно слушаме извештаи за војна, вашето сведоштво е конкретен знак за мир, знак на надеж за похуман и побратски свет – ова се зборовите што папата Фрањо ги упати на група луѓе со посебни потреби, кои во Ватикан ги прими на 3 декември 2022 година. Папата нагласи дека да се одговори на потребите на лицата со попреченост е должност на граѓанската и црковната заедница. Да се создаваат и помагаат инклузивни заедници – објасни Папата – значи отстранување на секаква дискриминација и конкретно да се задоволат потребите така што секој човек да се чувствува признаен и дел од заедницата.
Имено, нема инклузија доколку недостига искуството на братство и меѓусебно заедништво. Нема инклузија ако останува мотото, формула што треба да се користи во политички коректни говори или знаме што треба да се присвои. Нема инклузија ако нема заеднички живот и врски.
Не е доволно да се бранат човековите права
Божјиот поглед кон луѓето што ги сретнувал – потсетува римскиот епископ – бил проткаен со нежност и милост, особено кон оние што биле исклучени од вниманието на моќните, па дури и верските власти од неговото време. Поради тоа, секој пат кога христијанската заедница ја претвора рамнодушноста во близина и исклученоста во припадност, го исполнува своето пророчко послание.
Навистина, не е доволно да се заштитат човековите права; потребно е да се преземат активности за да се одговори и на нивните егзистенцијални потреби, во различни димензии, физички, психолошки, социјални и духовни.
Светиот Отец потоа истакна дека секој маж и секоја жена, во која било состојба да се наоѓаат, е носител не само на правата кои мора да се признаат и гарантираат, туку и на подлабоки потреби, како што е потребата да се припаѓа, да се поврзе со другите и негување на духовниот живот додека не ја почувствува неговата полнота и го благослови Господ за овој единствен и прекрасен дар.
Треба да се промовира духовноста на заедништво
Освен тоа, многу е потребно на лицата со посебни потреби да им се обезбеди пристап до згради и места за средби, да се направат пристапни точки и да се надминат физичките пречки и предрасуди – додаде папата Фрањо. Меѓутоа тоа не е доволно.
Неопходно е да се промовира духовноста на заедништво, така што секој ќе се чувствува дел од едно тело, со својата единствена личност. Само така секој човек, со своите ограничувања и крепости, ќе се чувствува охрабрен да го направи својот дел за доброто на целото црковно тело и за доброто на целото општество.
Инклузијата нека биде цел на пасторалните активности
Папата Фрањо потоа посака сите христијански заедници да бидат места каде припадноста и инклузивноста не остануваат зборови изговорени во одредени прилики, туку стануваат цел на редовна пасторална активност. На тој начин ќе можеме да бидеме веродостојни кога ќе навестуваме дека Господ ги сака сите луѓе, дека спасението е за секого и дека ги повикува сите на трпезата на животот, не исклучувајќи никого.
Тешко ме погодува кога Господ зборува за тој човек кој подготвувал свадба за својот син, но гостите не сакале да дојдат (сп. Матеј 22,1-14). Потоа ги повикал слугите и им рекол: „Одете затоа на раскрсницата и кој ќе најдете, поканете го на свадба!“. „Сите“, вели Господ: млади, стари, болни, здрави, мали, големи, грешници и негрешни… Сè, сè! Тоа е Господ: сè, без никого. Црквата е дом на сите, срцето на христијанинот е дом на сите, без исклучок. Тоа треба да го научиме. Понекогаш сме во искушение да тргнеме по патот на исклучувањето. Не – предупреди Папата – само инклузија. ‘Сите’. Тој збор содржи вистинска инклузија – истакна на крајот папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк