Задушница

Задушница

Светата Црква, Мистично Тело Христово, ја соединува заедницата на светите во три состојби: патувачка Црква (сите христијани кои живеат на земјата), прославена Црква (свети кои се веќе на небото) и страдална Црква (покојници кои се каат за своите гревови во чистилиштето). Сите членови на Црквата се поврзани со иста љубов кон Бога и кон ближниот. Ова меѓусебно соединување на сите верници на земјата, светите на небото и душите во чистилиштето го нарекуваме заедница на светии. Тоа се состои во тоа што светите на небото, преку нивното посредување пред Бога, можат и ни помагаат на земјата и душите во чистилиштето. И овие пак можат да се молат за нас, но не можат да си помогнат, затоа што времето на нивните заслуги веќе заврши. Но, ние можеме да им помогнеме со нашите молитви, добри дела, а пред се со жртвата на светата Литургија. И токму на учењето на светата вера за заедништвото на светите се темели древната практика на Црквата да се моли за оние што заминале во вечноста.

Иако Црквата се сеќава на душите на починатите во своите секојдневни молитви и богослужби, сепак, како добра мајка, во текот на црковната година одредува посебни денови за спомен и молитва за покојните. Овие денови ги нарекуваме задушници или спомен на покојните. Покрај личното споменување на нашите роднини, Црквата во Литургиската година востановила посебни денови кога се моли за сите починати, овие денови се саботи пред одредени празници.

Зошто Црквата се моли за покојните во сабота? Сабота го симболизира престојот на Христос во гробот и значи одмор, мир, па затоа на овој ден се молиме за нивно вечен мир, вечен покој. Такви саботи се Месопусната сабота, Втората, Третата и Четвртата сабота од Великиот пост, Сабота пред Духовден и саботата пред празникот свети великомаченик Димитриј.

На задушница посебно се молиме за покојните. По завршувањето на светата Литургија, на која верниците претходно исповедени, се причестуваат со Телото и Крвта Христова за душите на нивинте покојни, одат на гробишта каде на гробовите на покојните се палат свеќи и се моли за нивните души. Свештеникот поминува на секој гроб, кој во името на Црквата, заедно со семејството моли за душата на покојниот. На овој начин покажуваме сеќавање и љубов кон починатите.

Да молиме за нашите покојни, па така тие, очистени од Божјата Љубов на Небото, да се застапуваат за нашето спасение. Многу души кои преминале во вечноста имаат потреба од нашите молитви.

к.мк

 

Категорија: Вера, Духовност

За авторот