Која беше причината за Преображението Господово?

Која беше причината за Преображението Господово?

Исус се преобрази пред Своите апостоли за да ја зајакне нивната вера и да им даде претвкус на Небото.

За време на Својот земен живот, Исус направи многу чуда што ги видоа големи толпи луѓе. Тој умножуваше леб, изгонуваше демони и лекуваше неизлечиво болни.

Сепак, имаше едно чудо што им го откри само на мала група од Своите апостоли, поточно на тројца. Тој им ја откри Својата небесна слава и им дозволи да ја здогледаат убавината на Неговата чудесна светлина.

Зошто Исус го направи тоа? Која беше причината?

Катехизмот на Католичката црква објаснува дека Преображението ја зајакнало верата на најблиските апостоли, оние што подоцна ќе ја водат Црквата по Неговото воскресение.

„За миг Исус ја покажува Својата божествена слава, потврдувајќи ја Петровата исповед“ (ККЦ 555).

„Христовото Преображение има за цел да ја зајакне верата на апостолите пред Неговото Страдање: искачувањето на ‘високата гора’ го подготвува искачувањето на Голгота. Христос, Главата на Црквата, го покажува она што Неговото Тело го содржи и зрачи во светите Тајни: ‘надежта на славата’“ (ККЦ 568).

Причината поради која ова ја зајакнало нивната вера е тоа што апостолите можеле да ја видат славата што им се подготвува на Небото.

Свети Тома Аквински го истакнува истото размислување во својата Summa Theologiae.

Тој објаснува дека Христос сакал да им покаже на учениците „кон каква слава ги води оние што одат по стапките на Неговото страдање“, според зборовите од Делата апостолски: „Преку многу неволји треба да влеземе во царството Божјо“ (Дела 14,22).

Затоа било соодветно Христос да им ја покаже на Своите ученици славата на Својата светлина, односно славата на Преображението, со која ќе ги усоврши оние што Му припаѓаат.

Свети Беда, пак, пишува дека Христос „со Својата промисла им дозволи за кратко време да ја контемлираат вечната радост, за да можат храбро да го поднесат прогонството“.

На тој начин, Преображението не било наменето само за тројцата апостоли што биле сведоци на него. Откако настанот бил споделен со сите Христови ученици, тој станал охрабрување за сите христијани.

Катехизмот потсетува: „Преображението ни дава претвкус на славното Христово доаѓање, кога Тој ‘ќе го преобрази нашето понизено тело, за да биде сообразно со Неговото славно тело’. Но исто така нè потсетува дека ‘преку многу неволји треба да влеземе во царството Божјо’“ (ККЦ 556).

Сè во животот на Исус има смисла. Преображението и денес ни помага да гледаме со надеж кон славата што нè очекува по страдањата на овој живот.

Тоа нè потсетува дека Крстот не е крајот, туку пат кон воскресението и кон светлината на Божјата слава.

Алетеја/к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот