Слово за живот, септември 2017

Слово за живот, септември 2017

„Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене“ (Матеј 16,24)

Исус бил на врвот од својот јавен живот, во ек, во самиот ек на навестувањето дека се ближи Кралството Божје. Се подготвувал да оди во Ерусалим. Учениците ја насетиле величината не неговото послание и во него го препознале Божјиот пратеник, исчекуван од сиот израелски народ. Тие очекувале конечно ослободување од римската власт и ја очекувале зората на подобриот свет, очекувале носител на мирот и напредокот. Но Исус не сакал да ги поддржува тие илузии. Јасно им кажал дека патувањето до Ерусалим нема да го доведе до победа, туку до отфрлање, до страдање и до смрт. Им открил дека третиот ден ќе воскресне. Тешко било да се разберат и да се прифатат тие зборови, поради што Петар реагирал. Со тоа покажал дека одбива еден многу бесмислен план. Дури и Исус се обидел да го одврати. По остриот прекор упатен кон Петар, Исус им се обратил на сите ученици со вознемирувачки повик:

„Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене“ (Матеј 16,24)

Што бара Исус со овие зборови од своите вчерашни и денешни ученици? Сака ли да се презираме сами себе? Сите да се свртиме кон испосничкиот живот? Бара ли од нас да бараме страдање за повеќе да му се допаднеме на Бога? Оваа реченица пред сѐ нѐ потикнува да тргнеме по Исусовите чекори, прифаќајќи ги вредностите и барањата на евангелието за да наликуваме повеќе на Него, а тоа значи нашиот живот да се живее во полнота, онака како што тоа го правел Тој, па и тогаш кога на патот ќе се појави сенката на крстот.

„Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене“ (Матеј 16,24)

Мораме да утврдиме дека секој има свој крст. Болката во различни облици е дел од човековиот живот, но ни изгледа неразбирлива, спротивна на нашата желба за среќа. Па сепак Исус нѐ учи како токму таму да го откриеме неочекуваното светло. Тоа е како кога ќе влеземе во некои цркви и дури тогаш ги откриваме осветлени прекрасните витражи, кои однадвор ни изгледале темни и без убавина.

Ако сакаме да Го следиме, тогаш Исус од нас бара целосно да направиме пресврт на скалата на вредностите, да се тргнеме самите себе од средиштето на светот и да ја отфрлиме логиката на потрага по личен интерес. Ни предлага да посветиме повеќе внимание на потребите на другите отколку на нашите; да ги потрошиме нашите сили за да ги усреќиме другите луѓе, како Тој кој не пропуштил ниту една прилика да ги теши и да им дарува надеж на оние кои ги среќавал. По тој пат на ослободување од себичноста може да започне нашиот раст во хуманоста, освојување на слободата која во целост ја остварува нашата личност.

„Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене“ (Матеј 16,24)

Исус нѐ повикува да бидеме сведоци на евангелието и тогаш кога таа верност е ставена на искушение од мали и големи недоразбирања во општественото опкружување во кое живееме. Исус е со нас и сака да бидеме со Него во ризикувањето на животот за најголемиот идеал: сеопштото братство и цивилизацијата на љубовта. Таа коренитост во љубовта е длабока потреба на човечкото срце. За тоа сведочат некои нехристијански верски традиции кои длабоко го следеле гласот на совеста. Ганди напишал: „Кога некој би ме убил, а јас би умрел со молитва на усните за својот убиец и сеќавање на Бога и при тоа со свест за неговата жива присутност во светиштето на моето срце, дури тогаш би можело да се каже дека го поседувам ненасилието на силните.“

Кјара Лубик во таинството на Исус распнатиот и напуштениот пронашла лек за лечење на сите лични рани и на секое неединство меѓу луѓето, групите и народите и тоа откритие го сподели со многумина. Во 2007 година, по повод Меѓунардониот собир на движењата и заедниците на различните Цркви во Штутгард напиша:

„Секој од нас во животот поднесува болки барем малку слични на Неговите. (…) Кога ќе ги почувствуваме, да си спомниме на Него, тој ги направи Негови: тие се Негова присутност, учествување во Неговата болка. Да направиме и ние како Исус, кој не остана скаменет, туку по извикот ги изрече следните зборови: „Оче, во твоите раце го предавам мојот дух!“ (Лука 23, 46), и Му се предаде на Отецот.

Како Тој и ние можеме да ја надвладееме болката и да го надминеме искушението говорејќи му: „Во искушението Те сакам Тебе Исусе Напуштен; Те љубам Тебе, ме потсетува на Тебе, на Твојот израз, на единственото Твое лице.“ Ако во следниот  момент прифатиме да го љубиме братот и сестрата и да го оствариме она што Бог го сака, повеќе пати ќе доживееме  болката да се претвора во радост. (…) Малите групи во кои се движиме можат да доживеат мали или големи поделби. И во таа болка можеме да го видиме Неговото лице, да ја надвладееме болката во нас и се да правиме за да можеме повторно да воспоставиме братство со другите. (…) Културата на заедништвото како пат и пример го има Исус распнатиот и напуштениот.

Летиција Магри

Категорија: Вера, Духовност

За авторот