Италијанскиот геополитички магазин „Лајмс“ објави интервју со Папскиот државен секретар кардинал Пиетро Паролин за дипломатијата на Светиот Престол.
„Дипломатијата на Светиот Престол не е поврзана со една земја, туку со една реалност на меѓународното право која нема политички, економски или воени интереси. Се става во служба на римскиот бискуп, кој е пастир на универзалната Црква“, е почетокот на интервјуто на кардиналот Пиетро Паролин за италијанскиот геополитички магазин „Лајмс“, во кое меѓу другото се осврна и на дипломатијата на Светиот Престол и меѓународната улога на папата Фрањо.
Во сето тоа, компасот што го означува патот е еден: Евангелието. „Навестувањето на на мирот, ветувањето и дарот на мирот, неговите страници се исполнети со тоа“, објасни кардиналот Паролин. „Црквата го следи примерот на својот Господ: верува во мир, работи за мир, се бори за мир, сведочи за мирот и се труди да го изгради. Во таа смисла таа е миротворна.
Во однос на употребата на оружје, кардиналот Паролин истакна дека Катехизмот на Католичката Црква предвидува легитимна одбрана. „Луѓето имаат право да се бранат доколку бидат нападнати. Но, оваа легитимна вооружена одбрана мора да се изврши во одредени услови кои самиот Катехизам ги набројува: дека сите други средства за запирање на агресијата се покажале неизводливи или неефикасни; дека постојат реални изгледи за успех; дека употребата на оружје не предизвикува поголеми зла и немири од оние што треба да се отстранат“.
На прашањето за Украина, кардиналот укажа на можноста за негативен развој на ситуацијата кон конфликт од глобални размери. „Верувам дека се уште не сме во состојба да ги предвидиме или пресметаме последиците од она што се случува. Илјадници смртни случаи, уништени градови, милиони раселени, опустошена природна средина, закана од глад поради недостаток на жито во толку многу делови од светот, недостиг на енергија… Како е можно да не се препознае дека единствениот можен одговор, единствениот остварлив начин, единствената остварлива перспектива е да се запре оружјето и да се промовира праведен и траен мир?“
За можната посета на Светиот Отец на земјите во конфликт во Источна Европа, државниот секретар прецизираше дека најголемата желба на Папата, „а со тоа и негов приоритет“ е „преку неговите патувања да се постигнат конкретни придобивки“. Во тој поглед, тој рече дека би сакал да отпатува во Киев за да им донесе утеха и надеж на луѓето погодени од војната. Исто така најави и подготвеност да отпатува во Москва доколку има услови за вистински придонес за мирот. Кардиналот Паролин објасни дека дијалогот меѓу Рим и Москва е „тежок дијалог, кој напредува во мали чекори, кој исто така доживува подеми и падови“, но „не е запрен“. Средбата во Ерусалим меѓу папата Фрањо и патријархот Кирил беше одложена бидејќи средбата немаше да биде разбрана и товарот на тековната војна би ја условувал премногу.
Дел од интервјуто е посветен на тајниот договор меѓу Светиот Престол и Кина. „Дијалогот меѓу Светиот Престол и Народна Република Кина – рече државниот секретар – започна по желба на Свети Иван Павле II. и продолжи за време на понтификатите на Бенедикт XVI. и Фрањо, што доведе во 2018 година до потпишување на привремен договор за именување епископи во Кина. Токму одликата на привременост ги советуваше страните да не го објавуваат, чекајќи да го проверат неговото функционирање на терен и да одлучат за тоа“. „Понатаму“, додаде кардиналот Паролин, „што се однесува до евалуацијата на исходот од договорот, можам да кажам дека е постигнат напредок, но и дека не се надминати сите пречки и тешкотии и затоа има уште пат да се оди за негова добра имплементација и, исто така, преку искрен дијалог, за негово подобрување“.
Ватикан њуз/к.мк