Размислување за Осмата недела по Педесетница според Евангелието по Матеј 14,14-22
Секој од нас има некогаш искусено да чека на ред додека дојде до храна, посебно тоа тешко ни паѓало ако сме уште биле гладни, испотени, исцрпени, лути на себе и на сите околу нас во редицата.
Апостол Матеј, раскажувајќи за чудото на умножувањето на лебот, ни покажува дека околу Христа имало и голема толпа луѓе. Во Евангелието читаме дека околу Исус имало околу пет илјади мажи, без деца и жени. Можеме само да претпоставиме колку многу луѓе имало таму. Откако поминаа еден ден со Исус, тие беа уморни и гладни.
Учениците го замолуваат Исус да му каже на народот да „отиде по селата и да си купи храна”, бидејќи денот завршува, а најблиското село е далеку, а луѓето по пат ќе ослабнат и ќе гладуваат ако останат подолго. Цел ден го слушаа животворното Слово на Исус. А Христос им вели на Своите ученици: „Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат!“ (Матеј 14,16). Меѓутоа, како можат да нахранат толку голема толпа луѓе, мажи, жени и деца, кога самите имаат само пет леба и две риби? И тука го гледаме предизвикот на Христос за Неговите ученици, и предизвикот Христов за секој од нас. Се разбира, само Бог може да направи такво чудо; но само кога ќе соработуваме во такво чудо со отвореноста на нашите срца и отвореноста на нашите раце, ставајќи во него сè што имаме.
Христос не им вели на учениците: „Оставете го настрана и чувајте го за себе она што ви треба, а останатото дајте им на луѓето, дајте го она што ќе остане“.Тој вели „Сѐ она што го псоедуваш, дај го“…
Зарем Господ не ни зборува денес кога сме ситуирани, богати и просперитетни. Кога секој ден слушаме за глад, сиромаштија, за илјадници смртни случаи од глад? Зар не ни зборува Господ тогаш, зарем не чука во срцето, зарем не ни ја разбудува совеста гледајќи го страдањето на другите луѓе, нашите ближни? Христос зборуваше и секогаш зборува со секој од нас, зборува едноставно и нежно: дајте го тоа што го имате и дајте ми можност да дејствувам понатаму: не барајте од Мене да направам чудо кога вие самите не го правите она што е потребно и она што го можете, кога и самите не го давате она што го имате…
Апостолите можеа да направат само ограничено, затоа што имаа само пет лебови и две риби, но ние можеме многу, само треба да го споделиме нашето богатство и можности. Ако нашите срца се отворени за потребите на другите, ако тие негуваат активна љубов кон својот ближен и не останат камени и глуви, тогаш нема да има глад во светот, нема да има војни, прогонства и пустошења.
Денешното Евангелие на секој од нас му вели: погледнете наоколу, погледнете го секој човек што гладува; секој човек кој е бездомник: секој што е во тага и неволја, и запомнете дека сите овие луѓе се наша одговорност, нивната глад, нивната бездомност, нивната сиромаштија е резултат на нашата себичност, нашето богатство, нашето одбивање, на нашата лакомост.
Да размислиме за зборовите Христови: „Дајте им вие да јадат“ (Матеј 14,16). И ако погледнеме околу нас за потребите на другите луѓе кои се гладни, кои се бездомници, кои немаат ништо, или едноставно на ближниот, кој понекогаш е толку осамен, има потреба од поддршка, има потреба од пријателство, тогаш би можеле да го исполниме Христовиот завет, тогаш гордо би можеле да се нарекуваме христијани.
Во нашите животи се среќаваме со различни предизвици, различни човечки потреби, разни тешкотии и неволји. Затоа, да почнеме да им помагаме на другите, да научиме да даваме се што имаме во Божјите раце за да го добиеме назад умножено и благословено. Амин.
к.мк