Папата: Нема христијани од прв и втор ред, сите се повикани

Папата: Нема христијани од прв и втор ред, сите се повикани

На празникот Свети Петар и Павле, папата Фрањо ја предводеше светата Литургија во ватиканската базилика, а пота им врачи палиуми на 44 нови надбискупи митрополити.

Во својата проповед, папата Фрањо се осврна на два изрази кои зборуваат за апостолските првенци во денешните литургиски читања – „стани брзо“ (сп. Дела 12,7) и „Добро се борев “ (сп. 2. Тимотеј 4,7), прашувајќи што имаат да им кажат на денешната христијанска заедница вклучена во синодалниот процес.

Стани брзо и дозволи Господ да води

Чинот на „брзо станување“ потсетува на велигденското утро, вели тој, значи станување и поаѓање кон светлината. Ова е многу важна слика за Црквата, истакна Папата, бидејќи и ние мора брзо да станеме и да му дозволиме на Господ да не води по патиштата, по кој Тој сака. Но, ова не е секогаш лесна задача.

„Понекогаш нас, како Црква, нè обзема мрзеливост; претпочитаме да седиме и да размислуваме за некои сигурни работи кои ги поседуваме, наместо да станеме и да гледаме нови хоризонти, кон отворено море. Честопати сме, како Петар, во окови, заробени во нашите навики, исплашени од промените и врзани со оковите на нашата рутина. Ова тивко води кон духовна просечност: ризикуваме „да се снајдеме“, меѓу другите и во нашата пасторална работа. Нашиот ентузијазам за мисијата опаѓа и наместо да биде знак на виталност и креативност, на крајот изгледа млако и безволно“.

Црква без окови и ѕидови

Папата го цитира отец Де Лубак, кој ја согледал опасноста да се сведе „големата струја на новост и живот, кое е евангелието“ на вера која паѓа во „формализми и навики“. Синодата, истакна Папата, повикува напротив да бидеме Црква која станува, која не е свртена кон себе, туку се движи во пресрет на светот.

„Црква без окови и ѕидови, во која секој може да се чувствува добредојден и придружуван, во која слушањето, дијалогот и учеството се негуваат под исклучив авторитет на Светиот Дух. Црква која е слободна и скромна, која „брзо станува“ и која не одолговлекува и не губи време пред предизвиците на сегашното време. Црква која не живее во нејзините свети простори, туку е водена од ентузијазам за проповедање на евангелието и желба да се сретне и прифати секого.

Две прашања

Апостол Павле не се штедел при навестувањето  на Евангелието и го запознал прогонството и страдањето. На крајот од својот живот, гледа во историјата голема „борба“ која и понатаму се одвива, бидејќи многумина сè уште не се подготвени да го прифатат Исус. Сега на ред се неговите браќа од заедницата да ја продолжат оваа негова работа, неговата „борба“. Секој од нас, нагласи Папата, е повикан да биде мисионер и да го даде својот придонес.

„Тука на ум ми доаѓаат две прашања. Првото е: Што можам да направам за Црквата? Не да се жалиме на Црквата, туку да се залагаме за Црквата. Учествувајте со страст и понизност: со страст, бидејќи не смееме да останеме пасивни гледачи; со понизност, затоа што да се биде посветен во заедницата никогаш не треба да значи да се биде во центарот на вниманието, да се сметаме за подобри и да ги спречиме другите да ни се приближат. Црквата во синодалниот процес значи: секој има своја улога, ниту еден поединец на местото на другите или над другите. Нема христијани од прв и втор ред, сите се повикани“.

Евангелието не е неутрално

Како што забележа Папата, навестувањето на Евангелието не е неутрално, „дестилирана вода“ не ги остава работите какви што биле, туку напротив го разгорува огнот на Божјото царство среде владеењето на човечките игри на моќ, злото, насилство, корупција, неправда и маргинализација. Одговарајќи на второто прашање, што можеме заедно како Црква да направиме светот во кој живееме да го биде похуман, поправеден, посолидарен, поотворен за Бога и за братство меѓу луѓето. Зборувајќи надвор од подготвениот говор, Папата предупреди на опасноста од изопаченоста на клерикализмот и повика да си помогнеме да бидеме „квасец“ во светот. Како што рече:

„Заедно можеме и мораме да продолжиме да се грижиме за човечкиот живот, за заштитата на целото создание, за достоинството на работата, за проблемите на семејството, за третманот на старите лица и на сите оние кои се напуштени, отфрлени или кон кои се постапува со презир. Со еден збор, повикани сме да бидеме Црква која промовира култура на грижа, милување и сочувство за ранливите, која се бори против сите форми на деградација, вклучително и деградација во градовите и местата што ги посетуваме, за да засветли во животот на секој народ радоста на евангелието. Тоа е нашата „борба, тоа е предизвикот“.

Има толку многу искушенија на носталгија кои нè тераат да погледнеме наназад, додаде Папата, мислејќи дека порано биле подобри времиња. Ве молам, да не запаѓаме во таа „назадност“, напомена Светиот Отец.

Будни стражари, секогаш со Божјиот народ

Завршувајќи ја проповедта, Папата потсети дека пред малку, како и обично, ги благословил палиумите за новите митрополити надбискупи, кои во заедништво со Петар се повикани „брзо да станат“ да служат како будни стражари на стадото и „добро да се борат“, секогаш со целиот свет и верниот Божји народ, рече на крајот Светиот Отец.

Потоа ја поздрави и се заблагодари на делегацијата на Вселенската патријаршија, со порака до „драгиот брат Вартоломеј“. Ви благодариме за заедничкиот од, затоа што само заедно можеме да бидеме семе на Евангелието и сведоци на братството.– заврши Папата.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот