Папата продолжи со катехезата за Посланието на свети Павле до Галатјаните, при што на Генералната аудиенција 29 септември објасни што значи да сме „оправдани преку верата во Христа“.
Светиот Отец призна дека не е лесно да се дојде до исцрпна дефиниција за зборот оправдување. Но, со помош на Катехизмот може да се каже дека е резултат на Божјата милостива иницијатива да ни даде простување.
На грешниците Бог им даде опростување и спасение преку смртта на Исус, и тие се добредојдени и помирени со Него. Ова оправдување дадено во слобода го враќа односот помеѓу Создателот и создадението, кое беше уништено од гревот и непослушноста. Оправданието кое ни го даде Бог, ни овозможува да ја вратиме невиноста што ја загубивме поради гревот, рече Светиот Отец.
На прашањето како сме оправдани, можеме да одговориме само со откривање на уште една новина во науката на свети Павле, а тоа е дека оправдувањето доаѓа преку благодата, објасни Папата. Свети Павле, секогаш свесен за својата грешност и преобраќање на патот кон Дамаск, открил дека е спасен само преку Божјата благодат.
Ова ја вклучува верата во Христа, која за свети Павле има сеопфатна вредност и влијае на секој аспект од христијанскиот живот. Оправдувањето преку вера, рече Папата, го нагласува приоритетот на Божјата благодат. Меѓутоа, иако сме спасени преку благодатта, мора да ги држиме заповедите, но и тука не можеме да се потпреме на нашите сопствени напори.
Светиот Отец додаде дека учењето на свети Павле е надополнето со учењето на свети Јаков, кој истакнува дека верата без дела е мртва. За двајцата апостоли, одговорот на верата бара од нас да бидеме активни во љубовта кон Бога и спасението.
Светлината на верата ни овозможува да препознаеме колку е бесконечна милоста Божја, рече Петровиот наследник. Но, во исто време, ја расветлува одговорноста која ни е доверена – да соработуваме со Бога во неговите дела на милосрдие.
Затоа, силата на благодатта мора да биде рака под рака со делата на милосрдието на кои сме повикани да ги правиме за да сведочиме за бескрајната Божја љубов, заклучи Светиот Отец.
По катехеза, папата побара да се гарантира безбедноста на граѓаните во Нигерија, каде во неделата во вооружени напади загинаа 40 лица. Се молам за убиените, за повредените и за целото нигериско население, рече на крајот Светиот Отец..
Ватикан њуз/к.мк