Слово на живот, декември 2020 година

Слово на живот, декември 2020 година

„Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се плашам?“ (Псалм 27, 1)

„Набргу по раѓањето на Маријана, лекарите ѝ дијагностицираа оштетување на мозокот. Нема да може ниту да зборува, ниту да оди. Почувствувавме дека Бог бара од нас таква да ја сакаме и се предадовме во прегратките на Отецот“, пишува Алба – млада мајка од Бразил. И продолжува: „Таа живееше со нас четири години и им остави на сите љубовна порака. Никогаш не ги слушнавме зборовите мама и тато од нејзината уста, но во тишината зборуваше со очи што блескаа со силна светлина. Не можевме да ја научиме на првите чекори, но таа нè научи да ги направиме првите чекори во љубовта, во откажувањето од себе самите за да сакаме. За целото семејство, Маријана беше дар на Божјата љубов, кој би можеле да го сумираме во една единствена реченица: љубовта не може да се објасни со зборови “.

Ова му се случува денес на секој од нас: во невозможноста да управуваме со целиот свој живот, ни треба светлина, барем зрак на светлина што ќе го покаже излезот, чекорите што треба да ги преземеме денес, кон спасување на нов живот.

„Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се плашам?“

Темнината на болката, на стравот, на сомнежот, на осаменоста, на „непријателските“ околности кои што ги прават нашите соништа залудни, е искуство што се живее на секој агол на земјата и во секоја ера од човечката историја, за што сведочи и оваа древна молитва содржана во Книгата на Псалмите.

Авторот е веројатно личност која е неправедно осудена и напуштена од сите, а во очекување на пресуда. Тој е во неизвесност поради заканувачката судбина, но се надева на Бога. Тој знае дека Тој не го остава својот народ во искушение, го познава неговото ослободително делување; и токму поради оваа причина ќе најде светлина во Него и ќе добие сигурно и непобедливо засолниште.

Токму свесен за својата кршливост, тој се отвора да верува во Бога, го прифаќа Неговото присуство во својот живот и со доверба ја чека конечната победа на непредвидливите патиишта на Неговата љубов.

„Господ е моја светлина и мое спасение: од кого да се плашам?“

Ова е вистинско време да ја обновиме нашата доверба во љубовта на Отецот, Отецот кој посакува среќа на своите деца. Тој е подготвен да ги преземе нашите грижи[1] за да не се повлечеме во себе, туку да бидеме слободни да ја делиме нашата светлина и надеж со другите.

Словото за живот, како што пишува Кјара Лубиќ, нè води од темнина во светлина, од моето јас до ние: «[…] Тоа е повик да се оживее верата: Бог постои и ме сака. […] Среќавам личност? Морам да верувам дека преку неа Бог сака да ми каже нешто. Се посветувам на работата? Во тој момент, јас продолжувам да верувам во Неговата љубов. Доживувам болка: Верувам дека Бог ме сака. Доживувам радост? Бог ме сака. Тој е тука со мене, тој е секогаш со мене, тој знае сè за мене и ја споделува секоја моја мисла, секоја радост, секоја желба, тој ги носи со себе сите мои грижи, секое искушение во мојот живот. Како да се оживее оваа сигурност? Барајќи Го меѓу нас. […] Тој вети дека ќе биде таму каде што се двајца или повеќе соединети во Негово име[2]. Затоа, да се сретнеме во меѓусебната евангелска љубов со оние кои го живеат Словото на животот, да ги споделиме нашите искуства и да ги искусиме плодовите на оваа Негова присутност: радост, мир, светлина, храброст. Тој ќе остане со секој од нас, а ние ќе продолжиме да Го чувствуваме за близок и делотворен во нашиот секојдневен живот[3]“.

Летиција Магри

 

[1] Сп. 1 Пс 5,7.

[2] Сп. Мт 18,20.

[3]  Лубик, Кјара: Слово на животот јули 2006.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот