Што се случува кога родителите се мешаат во бракот на нивните деца

Што се случува кога родителите се мешаат во бракот на нивните деца

Повеќето од неуспешните бракови пропаднале кога едниот или двајцата партнери одбиваат или не успеваат да ги напуштат своите родители! Брачните парови мора да научат кога и како да кажат „Тато/мамо, ова е мој живот” и родители да научат како да ги почитуваат своите возрасни венчани деца. Еве неколку насоки кои може да ни помогнат!

Најголемиот и најчест проблем со кој се соочуваме кога им помагаме на брачните парови е врзан со оставањето на родителите и прилепувањето за другиот брачен другар. Бракот е процес кој се  состои од три фази: Затоа ќе ги остави човекот таткото свој и мајката своја и ќе се прилепи кон жената своја; и обата ќе бидат едно тело (1 Мојсеева2,24).

Ако мажот или жената не ги остават таткото или мајката, не може да се случи втората фаза; тие не можат да се прилепат еден кон друг. Ако тоа не се направи, односно нема оставање и прилепување, третата фаза не може ни да започне, а камоли да заврши. Тие не можат да станат едно тело.

Кога парот треба да каже: „Доста беше!″?

Мајка ти те повика да ѝ помогнеш со нешто, но ти веќе имаш планови со својата сопруга и децата. Што е приоритет? Мајката на сопругата укорува и советува за едно, но сопругот е определен за нешто друго. Кого треба таа да слуша? Таткото упорно го исправа синот пред неговата жена и деца. Колку синот треба да му биде приврзан? Кога снаата треба да прозбори? Таткото бара снаата и целото семејство да минуваат повеќе време со нив. Која е вистинската мерка на почит, а што е премногу? За време на празниците, ги посетувате вашите родители, и се расправате чии родители повеќе сте ги занемариле. Мама и тато продолжуваат да се мешаат, велејќи дека се во право, тоа е нивниот син или ќерка. Кога синот или ќерката имаат право да речат: „Тргнете се, ова е мој живот!”? Мамо и тато сакаат да дадат толку многу – пари, автомобили, апарати за домаќинство и слично. Кога двојката треба да каже: „Доста беше!”

Кога мажот или жената постојано одат кај родителите, како мудрите родители тоа ќе го запрат? Секој ден нивните ќерки им се јавуваат и поминуваат часови (така изгледа) разговарајќи со мама (или тато). Кога тоа е навистина премногу, и кога тоа овој мудар родител треба да го намали или запре? Децата постојано се враќаат дома, бараат финансиска помош. Кога треба мудроста да проговори: „Нема повеќе”, и кога и колку сочувството ги заобиколува сите правила и сепак треба да се помогне? Колку таа безбедна основа му помага на бракот, а колку го поткопува?

Насоки за брачните парови и нивните родители

Секоја ситуација треба да се разгледува одделно, но сепак може да се постават некои насоки.

Бидете самостојни како да сте на далечна планета

Секој пар треба да стане една целина, одвоена од родителите. Мораат да пронајдат живот за себе. Тие мора да бидат самостојни како да се на далечна планетата. Новите брачни парови и родителите мора да го прифатат и да го признаат тој факт. Откако двете страни ова ќе го прифатат и ќе го применат, децата можат да ги посетуваат родителите, а родителите можат да понудат помош, а притоа да не ги заробат или да им сметаат на своите деца.

Родителот сега нема право да заповеда

Оваа насока вклучува разбирање дека воспитанието на детето е завршено. Родители, морате да ги напуштите задачите на формирање, советување и дисциплина. Повеќе немате право да ги обликувате одлуките на вашите деца. Брачни парови, повеќе не им должите на своите родители таков тип на послушност! Ниту еден родител нема право да му заповеда на оженет син или ќерка! Не е чесно да се слушаат родителите, а не сопружникот. Како возрасен човек можете да го направите она што го сака вашиот родител, но чисто од љубов и слободен избор, не поради законски, емоционални или други обврски. Библиската заповед да ги почитуваме нашите родители не вклучува послушност откако ќе стапиме во брак. За брачните парови оваа заповед е помошта што им ја даваме на родителите по извршувањето на сите должности кон брачниот партнер и децата – не порано.

Не го/ја наговарај да живеете близу до вашите родители

Оваа насока се однесува на приврзаноста и поврзаноста. Мажот и жената мора да си кажат еден на друг она што Рита му кажала на Неомин: „Не ме принудувај да те оставам и да се одделам од тебе; но каде што ќе одиш ти, таму ќе дојдам и јас, и каде ќе живееш ти, таму ќе живем и јас; твојот народ ќе биде мој народ, и твојот Бог – мој Бог; и каде што ќе умреш ти, таму и јас ќе умрам и ќе бидам погребана; “Господ нека ми возврати со секое зло и невоља доколку нешто друго, освен смртта, ме раздели од тебе” (Рут 1,16). Обидите на жената да го натера нејзиниот сопруг да живее во нејзиниот град со цел да биде блиску до нејзиниот татко и мајка се неумесни. Таа мора да биде емоционално слободна да оди онаму каде тој ќе посака, не може да го користи тоа како емоционален “адут” над него или да заземе маченички став за тоа. Ниту мажот не смеат родителите да го влечат кон себе, не треба ниту тој да ја наговара жената да живее близу до неговите родители.

Родители, треба да ја давате вашата љубов слободно на вашите деца, таа никогаш не треба да стане товар на долгот со кој ги врзувате за себе. Ако вашите деца по венчавањето одлучат да живеат блиску и често ги носат внуците на посета, тоа е благослов за сите – како што и треба да биде. Вие не смеете да тргувате со вашите минати услуги во замена за тековни услуги, ниту, пак, вашите деца треба да ви го дозволат тоа. Тие денови поминаа. Долговите се избришани, како да е денот на венчавката ден на јубилејот.

Исус се предаде на крстот. Неговиот дар не врза никого од нас за Него. Тој слободно даде. Иако Неговиот дар е највисокиот и најдобриот досега даден, ќе биде навреда за Него доколку мислиме дека му должиме нешто или дека преку тој дар Тој нѐ контролира. Неговиот дар не нè заробува! Тој нè ослободува. Истото важи и за родителската љубов: сè што родителите прават за нас од зачнување до зрелост треба да се смета како подарок за нас, слободно даден, а не замка за децата. (…)

Кога ќе забележиме дека некој пар или нивните родители не можат да се ослободат од минатото и да се прекинат врските, ги поттикнуваме брачните парови да ја зголемат географската оддалеченост меѓу нив. Но, паровите и родителите кои ја воспоставиле слободата едни со други, може да живеат и врата до врата.

Не можете да трчате дома кај мама/тато. Секогаш ќе бидеме тука за тебе

Оваа насока се однесува на сигурноста – и монетарна и емотивна. Родителите треба да испратат двозначна порака: „Не можеш да трчаш дома кај мама и тато” и спротивно: „Секогаш ќе бидеме тука за тебе. Секогаш можеш да ни се обратиш”. Првата значи: „Треба да дадеш сè од себе. Не можеш да не користиш нас да ти го поткопаме бракот. Издржи. И не можеш да дојдеш кај нас, освен ако не си дал/дала сè од себе.” Втората значи: „Сигурноста е тука, доколку сè друго откаже”. Родителите можат да понудат подароци и помош, но само до тој степен што не го ослабуваат или не го омаловажуваат другиот, особено оној кој се грижи за семејството. Уште поважно е овие подароци и помош да не служат за заробување на децата и не ги прават зависни од нивните родители.

Тато/мамо, ова е мој живот

Оваа насока се однесува на проповедите и молитвите. Можеби најлошиот и најдеструктивен модел на однесување е кога родителите им држат проповед на своите возрасни деца. Родителите мора да научат да не го прават тоа. Брачните парови треба да учат кога и како да кажат: „Тато (или мамо), ова е мој живот”. Брачните парови мора да научат да не потклекнат пред нивните родители. Родителите повеќе не го имаат тоа право. Мудра е онаа млада личност која ќе го послуша советот на постарите, но меѓу нив мора да постои слобода и растојание, а не контрола и манипулација.

Твојата работа заврши оној ден кога се венчав. Ти се мешаш. Те молам престани

Кога децата се млади, тие ни газат по прстите. Кога се постари ни газат по срцето! Кога тие се мали, ние ги контролираме. Кога ќе стапат во брак, тие го контролираат сопствениот живот. Кога се постари, нивните чувства и однесување понекогаш ги рануваат нашите срца, но не треба да имаме лажни штитови, не смееме да ги контролираме, па нема толку да страдаме поради нив. Не можеме да ги контролираме за да не им се случи нешто лошо, само за да се заштитиме од болка. Не смееме да влијаеме на нивниот живот, во секој случај. Ние треба да застанеме мирно покрај нив, спремни и волни да им помогнеме, но секогаш отстрана, за да нашата помош, дури и преку молитва, не им ги отсече крилјата.

Мајките обично имаат тенденција потешко да ги пуштат своите деца и да престанат да се мешаат, за разлика од татковците. … Парови, мора да бидете нежни, но исто така и упорни со таквите мајки. Кажете им љубезно, но одлучно и сочувствително: „Мамо, ти немаш повеќе што да кажеш за ова. Јас сум возрасна личност. Твојата работа заврши оној ден кога се венчав. Ти се мешаш. Те молам престани.” Ако е доволен само зборот за мудрите, тогаш сè ќе биде во ред. Но, ако таа продолжи, сепак ќе бидете љубезни, ако кажете: „Мамо, ние треба да те замолиме да си заминеш”. Не е убаво мајката да претставува препрека во вашето семејство. Ќе ви се јави лажно чувство на вина: „По сите маки што си и ги задала, не можеше ли малку повеќе да ја истрпиш”. Можеби да сте сами и би можеле и би требале малку повеќе да истрпите, но веќе не сте сами и вашиот брачен другар и вашите деца се ваши приоритети. Тие не и задавале никакви маки во детството и не треба да очекувате од нив да плаќаат за некои ваши долгови. Ако можат да ја поднесуваат, би било добро да се поднесе таа жртва, но ако има премногу проблеми, сегашното семејство е приоритет и таа мора да си замине.

Огромното мнозинство на неуспешни бракови пропаднале поради тоа

Како душогрижник имам многу пати повторено, бидејќи јас не се двоумам да кажам дека огромно мнозинство на пропаднати бракови не успеале токму поради тоа што еден или двајцата партнери одбиваат или не успеваат да ги остават своите родители. Напуштањето е апсолутен предуслов за припојување. Еден партнер не може да се припои за другиот се додека еден или двајцата родители го заземат местото во срцето резервирано за брачниот другар. Во најдобар случај, на срцето му треба неколку години за да се пресели од родителите на партнерот.

Џон Лорен и Пол Сандфорд -“Ослободете го минатото”

Категорија: Вера, Семејство
Ознаки брак, родители

За авторот