Во петокот на 27 март, на плоштадот Свети Петар во Ватикан ја предводеше молитвата и Евхаристиското овожавање. По Службата на Словото и Евхаристиското обожавање следуваше благословот на Градот и светот (Urbi et orbi), кој беше поврзан со потполн опрост.
Богослужбата Папата ја започна со молитвата: „Семоќен и милосрден Боже, погледни на нашата болна состојба: зацврсти ги своите синови и отвори ни ги срцата за надежта за меѓусебно да го почувствуваме твоето татковско присуство.“
По читањето на Евангелието според Марко (Мк 4, 35-41) следува рамзислувањето на Папата за евангелскиот текст.
„Тој ден вечерта“ (Мк 4,35). Така започнува Евангелието кое го слушнавме. Веќе со недели изгледа како да се спушта ноќ. Густа темнина се надвила над нашите плоштади, улици и градови; загосподари со нашите животи исполнувајќи ги со загушувачка тишина, пустош и празнина која ги парализира сите на својот пат: тоа може да се почувствува во воздухот, тоа може да се почувствува во гестовите, погледите тоа го зборуваат. Исплашени сме и загубени.
Како учениците од Евангелието, одеднаш нè зафати неочекувана и жестока бура. Сфативме дека се наоѓаме во ист кораб, сите кревки и дезориентирани, но истовремно важни и потребни, сите повикани да веслаат заедно, на сите им е потребна утехата на другиот. Во тој кораб сите се наоѓаме. Како и учениците, кои едногласно и со вознемиреност извикуваме: „Загинуваме“ (ред 38), така и ние сфативме дека не можеме да одиме понатаму секој за себе, туку само заедно – рече Папата.
Бурата ја разоткрива нашата ранетост и ги изнесува на виделина оние лажни и сувишни сигурности на кои сме ги граделе нашите планови, нашите проекти, нашите навики и приоритети. Ни покажува дека сме пуштиле да заспие и сме го напуштиле она што зајакнува, поддржува и дава сила за нашиот живот и за нашата заедница. Бурата ги разоткри сите накани да се „спакуваат“ и заборави она што ја хранело душата на нашите народи; сите оние обиди да се умртви со привидно „спасоносни“ навики кои не можат да нè вратат на корените и да го повикаат сеќавањето на нашите предци, одземајќи ни го имунитетот потребен за соочување со неволјите. Со бурата се сруши измамата за оние стереотипи со кои го маскиравме своето „его“ секогаш преокупирани со сопствената слика; и на виделина излезе уште еднаш она (благословена) заедничка припадност од која не можеме да избегаме: припадноста на браќата – рече Папата во говорот пред благословот на Градот и светот.
„Што сте така плашливи? Како немате толку вера?“ Господи твоето Слово вечерва нè погодува и се однесува на сите нас. Во овој наш свет кој Ти го љубиш повеќе од нас самите, се бевме упатиле напред со полна брзина, чувствувајќи се силни и способни за сè.
Водени од алчноста за профит, дозволивме работите целосно да нè обземат и брзината да нè зашемети. Не застанавме на твоите повици, не се разбудивме од светските војни и неправдите, не го слушавме крикот на сиромашните и на нашата тешко болна планета. Продолживме безгрижно понатаму мислејќи дека секогаш ќе останеме здрави во еден болен свет. Сега, додека сме во морето во кое беснеат брановите, те повикуваме Тебе: „Разбуди се Господи!“
„Што сте така плашливи? Како немате толку вера?“ Господи ни упатуваш повик, повик на вера која не се состои толку во тоа да ветуваме дека Ти постоиш, колку во тоа да дојдеме кај Тебе и да се довериме на Тебе. Во овој Велики пост одекнува тој итен повик: „Обрнете се кон Мене од сè срце со пост, плач и ридание.“ (Јоил 2,12)
Нè повикуваш ова време на искушение да го сфатиме како време на избор. Тоа не е време на твојот суд, туку на нашиот суд: време да се избере што е важно, а што е минливо, да го одвоиме она што е потребно од она што не е. Време е текот на својот живот повторно да го свртиме кон Тебе Господи и кон другите.
Можеме да го свртиме својот поглед на многу примерни сопатници кои во атмосфера на стравот кој владее, одговориле така што го дале сопствениот живот. Тоа е делотворната сила на Духот излиена и обликувана во храбра и великодушна посветеност.
Тоа е животот на Духот Кој е способен да откупи, облагороди и покаже дека нашите животи се исткајани и поддржани од обични – по правило заборавени –луѓе кои не се појавуваат на насловните страници во весниците и списанијата или на големи шоу подиуми, но без сомнеж и денес ги пишуваат пресудните настани на нашата историја: тоа се лекарите, медицинските сестри и медицинските техничари, продавачите во супермаркетите, чуварите, превозниците, силите на родот, волонтерите, свештениците, монасите и монањињите и многу други, но навистина многу други кои сфатиле дека никој не се спасува сам.
Соочени со страдањето каде се мери вистинската развиеност на нашите народи ја откриваме и доживуваме Исусовата Великосвештеничка молитва: „Да бидат сите едно“ (Иван 17,21). Колку многу се оние луѓе кои секојдневно покажуваат трпеливост и влеваат надеж, внимавајќи да не сеат паника, туку ја споделуваат одговорноста. Колку татковци, мајки, дедовци и баби, учители на малите и секојдневните гестови им покажуваат на нашите деца како да се соочат и да ја надминат кризата прилагодувајќи ги навиките, дигајќи ја главата горе и поттикнувајќи на молитва. Колку се оние кои молат, се ставаат на располагање и се залагаат за доброто на сите. Молитва и тивко служење: Тоа се нашите победнички оружја.
Господ пред нас става предизвик и повикува на него да одговориме. Среде нашата бура нè повикува да се разбудиме и да покажеме ефикасна солидарност и надеж кои можат да дадат постојаност, поддршка и смисла на овие часови кога излгеда дека сè се руши и пропаѓа. Господ се буди за да ја разбуди и оживее нашата воскресна вера. Имаме сидро: Во неговиот крст сме спасени. Имаме кормило: Во неговиот крст сме откупени. Имаме надеж: Во неговиот крст сме излекувани и прегрнати ништо и никој да нè не одели од неговата спасителна љубов. Среде изолација во која силно ни недостасуваат саканите луѓе и средбите во кој кои го доживуваме недостатокот на многу работи, уште еднаш го слушаме навестувањето кое нè спасува: Он воскресна и живее со нас. Господ од својот крст нè поттикнува да го пронајдеме животот кој нè очекува, да погледнеме кон оние кои нè бараат, да ја зацврстиме, препознаеме и потикнеме благодатта која престојува во нас. Да не го гаснеме пламенот што тлее (Исаија 42,3) и да дозволиме повторно да се запали надежта.
Да го прегрнеме својот крст значи да најдеме храброст да ги прегрнеме сите противречности на нашето време, напуштајќи го за момент својот вознемирен стремеж кон семоќноста и поседувањето за да дадеме простор на креативноста која само Духот може да ја продлабочи. Тоа значи да се пронајде храброст за да се отворат простори во кои сите ќе можат да се почувствуваат повикани и ќе овозможат нови облици на гостољубивост, братство и солидарност.
Во неговиот крст сме спасени, да ја прифатиме надежта и да овозможиме таа да биде која ќе ги зајакнува и поддржува сите можни мерки и начини кои можат да ни помогнат да се чуваме себе и другите. Да Го прегрнеме Господ за да ја прегрнеме надежта: Ете ја силата на верата која ослободува од стравот и дава надеж!
„Што сте така плашливи? Како немате толку вера?“ Драги браќа и сестри од ова место кое зборува за непоколебливата вера на Петар, сакам вечерва сите да ве доверам на Господ, преку застапништвото на Мајка Божја Која е здравје на сите народи, ѕвезда во бурното море. Нека од овие колонади кои го прегрнуваат Рим и светот слегне на вас Божјиот благослов како утешителна прегратка. Господи, благослови го светот, дај здравје на телата и утеха на срцата. Бараш од нас да не се плашиме, но нашата вера е слаба и се плашиме. Но, Ти Господи нè не оставај на милоста и немилоста на бурата. Повтори уште еднаш: „Не бојте се“ (Мт 28,5). А ние заедно со Петар „сите наши грижи ги оставаме на Тебе, зашто Ти се грижиш за нас.“ (1Петар 5,7), рече Светиот Отец на крајот од своето размислување.
По говорот на Папата следуваше молитвата „Под Твојата заштита прибегнуваме“ (“Sub tuum praesidium”) во тишина пред сликата „Salus Populi Romani“ (Здравје на римскиот народ), а потоа пред Распетието од црквата Свети Марцел. Таа црква во Via del Corso во Рим која на 22 мај 1519 во пожар целосно изгорела, а останало сочувано само големото дрвено распетие кое од тогаш посебно се почитува како чудотворно.
После тоа е изложена Пресветата Евхаристија за обожавање и благослов со песната “Adoro Te devote”. Се упатија повици во кои Господ се моли да го ослободи светот од сите зла кои го притискаат човечкиот род, од искушенија и вознемиреност, неверност и безнадежност, од тврдокорност на срцата и неспособност за љубов, од разорно безумие и немилосрден просперитет и насилство. Се молеше за Црквата која поминува низ пустина, за човечкиот род притиснат од стравот и вознемиреноста, за болните и оние на умирање, и за сите кои стрдаат заради осаменост, за лекарите и за сите здравствени работници исцрпени од умор.
На крајот Папата упати свечен благослов Urbi et orbi со Пресветата Евхаристија, а после Благословот следуваа литанија до Господ, Мајка Божја, свети Јосиф и ангелите и светците.
Ватикан њуз/к.мк