Започнувајќи ја новата низа на катехези за блаженствата, папа Фрањо на Генералната аудиенција објасни како Исус поучува за „новиот“ закон, закон на сиромаштво, благост и милосрдие. Папата ги поттикна верниците да ја искусат Господовата моќ во нашето секојдневно трпение, за да ја достигнеме среќата која Бог ни ја предлага
За да ни се дарува Бог често избира „незамисливи“ патишта, можеби оние наши ограничувања, нашите солзи, нашите неуспеси; тоа е воскресна радост за која говорат источните браќа, онаа која има стигми, но е жива, која поминала преку смртта и ја искусила Господовата сила – рече Папата на Генералната аудиенција одржана во Салата Павле VI, започнувајќи ја низата катехези за блаженствата.
Говорејќи за Евангелието според Матеј, Папата се осврна на Исусовиот говор на гората кој – како што рече – го просветлил животот на верниците, а и на бројните неверници. Тешко е да не се биде допрен од овие зборови ако сакаме да ги сфатиме и сѐ поцелосно да ги прифатиме, зашто – истакна Папата – тие го содржат личниот документ на христијанинот, нашиот личен документ. Тие, имено, го оцртуваат Исусовото лице и неговиот стил на живот.
Навестување на блаженствата
Папата притоа објасни како Исус ја објави пораката. Здогледувајќи го мноштвото, се искачи на гората која го опкружуваше Галилејското езеро, седна, и стана да ги поучува учениците, навестувајќи им ги блаженствата. Пораката е упатена кон учениците, но на хоризонтот се наоѓа мноштво луѓе, односно целото човештво. Тоа е порака за целиот човечки род – објасни Папата.
Нов закон
„Гората“ упатува на Синај каде Бог му ги даде Заповедите на Мојсеј – рече Папата. Овој пат, меѓутоа, не станува збор за страшна бура, туку папата Фрањо истакнува дека се чувствува „слатка сила“ на Радосната вест. Исус започнува да поучува нов закон: Да бидеш сиромашен, да бидеш кроток, да бидеш милосрден… Тие нови заповеди се многу повеќе од правила. Исус, имено, ништо не наметнува, туку го открива патот на среќата – својот пат – повторувајќи го, осум пати, зборот „блажени“.
Божји дар
Секое блаженство – додаде Папата – има три дела. На почетокот се наоѓа зборот „блажен“; потоа ситуацијата во која се наоѓаат блажените како сиромаштво на духот, жалост, глад и жед за праведност; а на крајот е „причината“ за блаженството. Така има осум блаженства и би било убаво да се научат напамет и да се повторуваат, токму за да го имаме на ум и на срце тој закон кој ни го даде Исус. Да обратиме внимание на тој факт; причината за блаженствата не е сегашната состојба, туку, гледајќи ја ситуацијата, Исус вели: „нивно е царството небесно“, „они ќе се утешат“, „они ќе ја наследат земјата “ и така натаму.
Состојба на милост
Папата потоа се задржи на зборот „блажен“, и објасни дека изворниот израз не означува некој кој има полн стомак или му оди добро, туку тоа е личност која е во состојба на милост, која напредува во Божјата милост и која напредува на Божјиот пат, односно во трпението, сиромаштвото, служењето на другите, давањето утеха… Оние кои напредуваат во тие работи се среќни и ќе бидат блажени.
Да ги читаме блаженствата
Блаженствата секогаш водат до радост – истакна потоа папата Фрањо – тие се пат кој води до радост. Добро ќе ни дојде ако денес го земеме во раце Евангелието по Матеј, петто поглавје, од 1 до 11 ред, и да ги прочитаме блаженствата – можеби и повеќе пати, во текот на неделата – за да го сфатиме тој така убав, така сигурен пат на среќа кој Господ ни го предлага.
Поздравувајќи ги поклонениците
На крајот на аудиенцијата, во поздравите на различните јазици, споменувајќи го идниот празник Сретение Господово, кога се слави Денот на посветениот живот, Папата поттикна на молитва за монасите и монахињите кои се посветуваат на Бог и на браќата во секојдневното служење, во согласност со сопствената харизма, за да бидат секогаш верни сведоци на спасителната Христова љубов. Освен тоа, повика и на молитва за нови повици на посветен живот.
Свети Иван Боско
Обраќајќи се посебно на италијанските верници, Папата даде пример за светоста на светиот Иван Боско, кој – како што рече – ќе го спомнеме во петок, како татко и учител на младите. Притоа посака пред се младите ди ги поведе да ги остварат идните планови, не исклучувајќи го планот кој Бог го има за секого. Да се молиме на светиот Иван Боско за секој да го пронајде својот пат во животот, оној кој Бог го сака за нас – рече на крајот папа Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк