Денес 4 септември утрото започна 31. Aпостолско патување на папата Фрањо надвор од Италија во текот на кое ќе посети три земји од Jугоисточна Африка: Мозамбик, Мадагаскар и Маурициус.
Авионот со кој Папата патува за Африка полета од Рим утрото околу 8.00 часот, а во Мапуто главниот град на Мозамбик, првата дестинација од патувањето ќе слета околу 18.30 часот, нешто повеќе од 10 часа лет. Освен Мозамбик Светиот Отец на својата Апостолска посета на Африка ќе ги посети исто така Мадагаскар и Маурициус.
Пред да го напушти Ватикан се сретна со група 12 мигранти со потекло од трите африкански земји кои ќе ги посети на тоа патување. Во придружба на мигрантите беше и кардиналот Конрад Крајевски.
Во пораката на Твитер во пресрет на патувањето, Папата ги повика сите да му се придружат во молитвата за „Бог Отецот на сите, да го зацврсти во цела Африка братското помирување, единствената надеж за цврст и траен мир.“
На аеродромот во Мапуто, на Папата ќе го пречека претседателот на Мозамбик Филипе Нуси. По свеченоста за добредојде Папата ќе замине во апостолската нунцијатура, во четврток на 5 септември Папата ќе престојува во куртуазна посета кај претседателот, ќе се сретне со претставници на граѓанските власти и дипломатскиот кор, а во претпладневните часови е предвидена меѓурелигиска средба со млади. Во попладневните часови Папата ќе се сретне со епископите, монасите, монахињите, посветените лица, богословите и семинаристите, вероучителите и аниматорите и ќе го посети домот „Матеј 25“ во кој се дава помош на младите и децата од улица.
Геслото на патувањето на папата Фрањо во Мозамбик е „Надеж, мир и помирување.“
Ватикан њуз/к.мк