На 28 јуни 2019, на празникот „Пресвето Срце Исусово“ заштитник на Скопската бискупија и Kатедралната парохија во Скопје свечената евхаристиска прослава ја предводеше Скопскиот бискуп епарх Струмичко – скопски, монс. д-р Киро Стојанов.
Свеченоста започна со процесија околу скопската престолнина со икона од Пресветото Срце Исусово, а за време на процесијата се пееја литургиски напеви во чест на Божјото Срце.
Во пригодната проповед бискупот Стојанов рече: „Во Евангелието, Исус ни се претставува како Добар Пастир, кој дојде да го бара она што е изгубено. Светиот Отец Папа Фрањо на почетокот на својата служба го повика Римското свештенство и двапати воскликнува: Одете, одете, бидејќи Рим денес нема изгубено само една овца, туку има 99 изгубени и една во Црквата. Одете и тие изгубени спасувајте ги, а не оваа една да ја искористувате. Тоа е Исусовата мисија да се отиде да се бара, пронајде и да му се помогне на оној кому му е потребна помош. Кога секој од нас би го сфатил своето послание и доведе едно лице поблиску до Христос, оваа катедрала од денешниот празник до празникот на Христос Цар ќе биде премала. Дали ова барање е нереално? За неверниците да, но ние сме верници. Зошто да не се охрабриме и да се радуваме дури и за една овца која е изгубена, а сепак вратена. Исус вели: дека на тоа и ангелите се радуваат на небото. Цитирам:„Ви велам дека така и на небото ќе биде поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници кои немаат потреба од покајание.
При својата посета на Македонија папа Фрањо ќе рече: „Стани, со својот постојан поглед гледај во иднината“ додека на светата Литургија предводена на Централниот Плоштад во Скопје пред околу 15.000 луѓе рече: „Навикнати сме да го јадеме тврдиот леб на дезинформацијата и завршивме како затвореници на дискредитацијата, на етикетите и презирот; верувавме дека конформизмот ќе ја намали нашата жед и на крајот завршивме напоени со рамнодушност и бесчувствителност; се храневме со раскошни и големи соништа и завршивме со јадење на одвратност, затвореност и осаменост; се заситивме со поврзувања и го загубивме вкусот на братството. А Господ дојде за да му даде живот на светот и го прави тоа секогаш на начин на кој успева да ги предизвика рестриктивноста на нашите пресметки, просечноста на нашите очекувања и површноста на нашите интелектуализми; дојде да ги стави на дискусија нашите гледишта и нашите сигурности, канејќи нè да поминеме на еден нов хоризонт што дава место на еден различен начин да се конструира реалноста„.
„Драги браќа и сестри, имаме ли храброст на ова да веруваме со срце, а не само да го слушнаме со уши. Да, храбар е тој кој прифаќа да го менува своето срце спрема Исусовото срце, и тогаш ќе биде храбар. Честитајќи ви го овој голем патронен празник завршувам со молитвата: Исусе, кротко и понизно срце, направи ги нашите срца според твоето срце! Амин„.
За време на светата Литургија пееше катедралниот хор под диригентската палка на с. Татјана Атанасова. Заедништвото меѓу верниците, свештениците и бискупот продолжи во дворот на катедралата со агапе.
к.мк