Папата до младите: Почувствувајте сега, а не утре дека имате послание и заљубете се во него
Вие драги млади не сте иднината, туку сте Божјата „сегашност“ – рече папата Фрањо на мноштвото млади кои по бдението, ноќта ја поминаа во паркот „Свети Иван Павле II, за да учествуваат на завршната света Литургија за Светскиот ден на млади во Панама.
Господ и неговото послание не се некое „меѓувреме“ во нашиот живот, нешто привремено, тие се нашиот живот – истакна папата Фрањо во проповедта која ја одржа на завршната Света Литургија за 34. Светски ден на млади, служена на 27 јануари претпладне според локално време во паркот „Свети Иван Павле II“ во Панама, на која се собраа 700.000 верници.
„Очите на сите во синагогата беа вперени во Него. И почна да им говори: „Денес се исполни ова Писмо, што го чувте.“ Така Евангелието ни го прикажува почетокот на Исусовото јавно делување – рече Папата потсетувајќи на делот од денешната Литургија. Исус ја објавува Божјата „сегашност“, сегашниот момент на Бог кој ни доаѓа во пресрет за да нè повика да учествуваме во Неговата „сегашност“ во која треба „да им соопштам радосна вест на бедните“, „да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување,“ „да ги пуштам на слобода напатените,“ „да ја проповедам благопријатната година Господова“!
Божјата „сегашност“ со Исус станува присутна, станува лице, тело, милосрдна љубов која не чека совршени ситуации за да се покаже, ниту прифаќа изговори за своите остварувања. Тој е Божјото време кое изгледа соодветно за секоја ситуација и за секој простор. Во Исус започнува и живее ветената иднина – истакна Светиот Отец и рече дека не сите кои Го слушале Исус биле подготвени да веруваат некому кој го познавале и Кој го гледале како расте.
И на нас може да ни се случи да не веруваме дека Бог може да биде толку конкретен и секојдневен, толку близок и реален и уште помалку дека е толку присутен и дека делува преку некои на нас познати луѓе, кој може да ни биде сосед, пријател, роднина. Не сме секогаш подготвени да веруваме дека Господ може да нè повика да работиме и да ги извалкаме рацете заедно со Него во неговото Царство.
И ние често се однесуваме како луѓето во Назарет – рече папата Фрањо, повеќе сакаме Бог на одалеченост, кој е убав, добар и великодушен, но далечен и кој не пречи. Близок и секојдневен Бог, пријател и брат бара од нас да ја запознаеме близината, секојдневието и посебно братството. Бог е реален и конкретен затоа што љубовта е реална и конкретна. Токму таа конкретност на љубовта е еден од најважните фактори на христијанскиот живот – истакна Папата.
Така некој кој е роден да биде пророштво и навестување на Царството Божјо се скротува и осиримашува. Секојдневната работа е желба за скротување на Словото Божјо – рече Светиот Отец. И на вас драги млади може да ви се случи да се чувствувате како да сте во „чекална“, да го чекате својот ред, а во меѓувреме измислуваме за вас или самите измислувате иднина која хигиенски е добро спакувана и без последици, а која е „лажна“ радост. Така ве успокојуваме и заспиваме за да не создавате врева, за да не си поставувате прашања на себе си и на другите; а во тоа „меѓувреме“ вашите соништа ја губат висината и се претвораат во илузии – предупреди Папата.
Спомнувајќи ја потоа неодамна одржаната синода посветена на младите им препорача взаемно слушање меѓу генерациите за да учат едни од други и тоа на заеднички простор на кој и младите можат да бидат активни. Вие драги млади не сте иднината, туку Божјата „сегашност“ – истакна Папата. Почувствувајте сега, а не утре дека имате послание и заљубете се во него. Љубовта на која Исус нè поучува е конкретна љубов, блиска, реална – повтори Светиот Отец. За Исус не постои „меѓувреме“, туку милосрдна љубов која сака да продре во срцето и да го освои. Таа сака да биде нашето богатство, затоа што не е некое „меѓувреме“ во животот или нема привремена мода, тоа е љубовта на дарување која повикува на дарување на себе – рече Папата.
Таа е конкретна љубов; славечка радост која се раѓа од одлуката да учествуваме во чудесниот риболов на надеж и љубов; на солидарноста и братството пред мноштвото парализирани погледи кои умртвуваат заради страв и исклученост, шпекулации и манипулација – рече Папата, а потоа своите мисли ги сврте кон Дева Марија, вистински пример за младите која со своето „да“ го придружуваше овој Светски ден на млади. Не само што верувала во Бог и во Неговите ветувања, како во нешто што е возможно, Му верувала на Бог и имала храброст да каже „да“ за да учествува во таа Господова „сегашност“. Почувствувала дека има послание, се заљубила и тоа било пресудното – истакна Папата.
Во завршниот поздрав на крајот од Литургиското славење, папата Фрањо им се заблагодари на сите кои на било кој начин го овозможија организирањето и одржувањето на Светскиот ден на млади во Панама. Тој им се заблагодари и на младите кои интезивно го поминаа овој настан и повторно ги поттикна да не дозоволат да се „олади“ тоа што го почуствуваа овие денови.
Со својата вера и радост направивте да затрепери Панама, американскиот континент и целиот свет. Како што повеќе пати слушнавме овие денови во химната за Светскиот ден: Поклоници сме кои доаѓаме… Во одење сме;“ продолжете да одите, продолжете да ја живеете верата и да ја споделувате со другите. Не заборавајте дека не сте ниту утре, ниту „меѓувреме“, туку сте Божјата „сегашност“ – истакна папата Фрањо.
Ватикан њуз/к.мк