Свети Варнава

Свети Варнава

Иако не бил еден од Дванаесеттимината, Црквата уште од почетокот го чествува како апостол и маченик. Исто така и свети Лука го нарекува апостол: „Но апостолите Варнава и Павле, кога чуја за тоа…“ (Дела 14,14) и тоа веројатно затоа, бидејќи Варнава пред Павле, а подоцна заедно и со него, бил еден од најголемите мисионери на првата црковна заедница.

Светиот Дух со плодовите на Духот бил особено присутен во светиот апостол Варнава. За него свети Лука во Делата на светите Апостоли запишал: „Тој беше човек добар и исполнет со Дух Свети и вера“ (Дела 11,24). На друго место се фали со неговата дарежливост, што исто така е плод на Духот: „Така Јосија, наречен од апостолите Варнава, што значи син на утехата, левит, родум од Кипар, кој имаше нива, ја продаде, ги донесе парите и ги положи пред нозете на апостолите“ (Дела 4, 36-37). Според извештаите од Делата на светите Апостоли, Варнава уште пред Павле, а подоцна заедно со него, бил еден од најголемите апостоли и мисионери на првата црковна заедница. „Тогаш, пак, Варнава отиде во Тарс да го бара Савла“ (Дела 11,25). И заедно со него ја однесоа помошта – дарот од антиохиската заедница – „до браќата во Јудеја“ (Дела 11, 30). „Варнава и Савле, откако ја предадоа помошта, се вратија од Ерусалим во Антиохија, а го зедоа со себе и Ивана, наречен Марко“ (Дела 12, 25). „Одвојте ми ги Варнава и Савле за дело, за кое ги повикав!“ (Дела 13, 2).

Голема е историската заслуга на Варнава не само затоа што меѓу поганите даде силен импулс на мисијата, станувајќи и самиот тој меѓу нив голем и продорен мисионер, туку и затоа што на прогонителот Савле по неговото преобратување го предводувал до водечките луѓе на ерусалимската заедница и на тој начин го рехабилитирал и му го отворил патот за неговата сопствена неисцрпна мисионерска активност.

Би не интересирало да дознаеме повеќе детали за животот на овој голем апостол, за чие делување во Делата на светите Апостоли релативно многу е запишано. Но, сепак, ќе мора да се задоволиме со малобројните сигурни податоци за неговиот живот. Некои од нив се многу важни. Првиот таков податок е неговата дарежливост. „Тој имаше нива, ја продаде, ги донесе парите и ги положи пред нозете на апостолите“ (Дела 4, 37). Парите ќе бидат потрошени за доброто на сиромашните. Другиот податок е исто така важен. И зборува за големината на душата на Варнава: „А кога пристигнаа во Ерусалим, Савле се трудеше да се присоедини кон учениците; но сите се плашеа од него, бидејќи не веруваа оти е тој ученик. Варнава, пак, откако го зеде, го одведе при апостолите и им прикажа оти тој патем го Видел Господа, а дека Господ му зборувал, како и тоа оти во Дамаск отворено проповедал во името на Исуса“ (Дела, 9, 26-27). Третиот податок е за носењето на милостината во Ерусалим. Овој податок зборува исто така за социјалната димензија на Варнава, смислата за другите, особено за оние кои се во потреба. А потоа следува извештајот и за мисионерските патувања на Варнава. Тој во придружба на Павле оди во својот роден крај, на островот Кипар, а постоа во Мала Азија. За доживувањата на ова патување опширно е опишано во 13. и 14. глава од Делата на светите Апостоли.

Во 49 година враќајќи се со Павле во Антиохија, Варнава бил вовлечен во тогашната голема дискусија за тоа што да прават со незнабожците кои стануваат христијани? Некои мислеле дека тие прво морале да се обрезат според Мојсеевиот закон и дека тоа било дури неопходно за спасение. Антиохиската црква ги пратила Павле и Варнава во Ерусалим за да го изнесат овој проблем пред апостолите и старешините. И на тој начин дошло до Апстолскиот Собор во Ерусалим, на кое активно учествувле и двајцата апостоли: Павле и Варнава. Нивните извештаи и искуства од мисионерските патувања меѓу незнабожците внимателно ги слушала Ерусалимската Црква на чело со апостолите. (…)

Околу 51 година Павле одлучил да тргне на второто мисионерско патување на кое ќе ги посети христијанските заедници кои ги основал заедно со Варнава на првото патување. Затоа посакал Варнава повторно да го следи. Но, овде дошло до несогласување, па дури и до некое раздвојување помеѓу нив, кое во историјата на светците станал класичен пример како и помеѓу нив може да дојде до поголеми или помали разидувања. Варнава на тоа патување сакал да го понесе и Иван Марко, кого Павле не го поднесувал заради неговата нестабилност. И така Павле заминал по својот пат, а Варнава со својот роднина Иван Марко, повторно по својот, односно тие отишле во Кипар.

„Тоа несогласување може да биде зачудувачки, но сепак треба да се нагласи дека станува збор за проценување на една личност, а не за важноста дали треба да се продолжи навестувањето на Евангелието. Впрочем, Павле и понатаму ја сочувал почитта и пријателството кон Варнава“ (Џан Доменико Гордини). За тоа сведочат деловите од Павловите Посланија. „Ве поздравува Аристарх, кој е затворен со мене, и Марко, внукот на Варнава – за кого добивте заповед: ако дојде при вас, примете го!“ (Колосјаните 4,10). „Земи го Марко и доведи го со себеси, оти ми е нужен во службата!“ (2 Тимотеј 4,11). Марко бил причината за несогласувањата помеѓу двајцата апостоли, но подоцна тоа се променило, па причината била отстранета и добрите врски биле повторно обновени. За Варнава, за жал, подоцна нема никакви сигурни податоци.

Една легенда, подоцна забележена, зборува за апостолатот на Варнава во Кипар како и за неговата славна смрт која, според некој монах Александар, ја предизвикале Евреите доаѓајќи од Сирија во Саламина на Кипар. Тие биле навредени зашто овој човек многумина преобратил на христијанство па го каменувале и го запалиле. Некои мислат дека оваа стара легенда би можела да има свој историски темел. (…)

МОЛИТВА

Боже, ти си заповедил за преобратување на поганските народи да ти се истакне свети Варнава, маж полн со вера и Свети Дух. Дај и денес со зборови и дела да се навестува Христовата радосна вест која тој неуморно ја проповедал. Преку нашиот Господ Исус Христос, твојот Син, кој со тебе живее и царува во единство на Светиот Дух, во сите векови.

Битно.нет/З.А.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот