На празникот преобраќање на свети Павле, 24 јануари 2018 година и на завршувањето на Молитвената осмина за единство на христијаните, Светиот Отец ја предовеше Екуменската вечерна молитва во базиликата Свети Павле надвор од ѕидините.
На Вечерната молитва присуствуваа претставници на разни цркви и црковни заедници во Рим, меѓу нив, Митрополитот Генадиј, претставник на Вселенската Патријаршија, епископот Бернард Натохори, личен претставник на Кантерберискиот архиепископ и делегација од Лутеранската црква во Финска.
Папата како појдовна точка за својата хомилија ја зеде таканаречената песна на Мојсеј и Маријам од 15 поглавје на Книгата Исход, во која му благодарат на Господ за ослободувањето на Израелците од египетското ропство. Во овој настан многу Црковни оци гледаат слика за Крштението. Сите ние христијаните имаме поминато низ водата на крштението – рече папата Фрањо – и милоста на таа света Тајна ги уништи сите наши непријатели: гревот и смртта. Токму од таа причина можеме заедно да пееме во чест на Бог – рече Светиот Отец.
Но нашите поединечни искуства нѐ поврзуваат со уште поголем настан, оној за спасението на Божјиот народ. Папата рече дека свети Павле имал силно искуство на милоста и тоа искуство го поттикнува да бара заедништво со другите христијани. Тоа е нашето искуство како верници – истакна папата Фрањо. Додека растеме во духовниот живот, сфаќаме подобро дека милоста нѐ зафаќа заедно со другите, дека треба да ја поделиме со другите.
Папата објасни дека признавајќи го крштението на другите христијански традиции, признаваме дека и тие ги примиле милостите за опростување и дека Божјата милост исто така делува и во нив. Па и тогаш кога нѐ делат разликите, препознаваме дека припаѓаме на истиот откупен народ, исто семејство, сестри, кои ги љуби Бог Отецот – рече Папата.
Но нашиот духовен живот често пати е тежок – рече Папата упатувајќи на страдањата на христијаните кои страдаат заради името Христово. Папата напомена кога се пролива нивната крв, па макар тие припаѓале на друга (христијанка) конфесија, заедно стануваме сведоци на верата, маченици, соединети преку врската на крштелната милост.
Христијаните денес, заедно со пријателите на другите верски традиции, се соочуваат со предизвиците кои го омаловажуваат човечкото достоинство – продолжи Папата: Бегаат од ситуации на судири и беда; жртви се на трговијата со луѓе и други облици на современо ропство; трпат непријатности и глад, во свет кој станува сѐ побогат со средства, а сѐ посиромашен со љубов, во кој нееднаквоста понатаму расте. Но како Израелците од Книгата Исход, христијаните се повикани да го чуваат сеќавањето на она што Бог направи за нас, да си помагаме едни на други и меѓусебно да се подржуваме, и храбро и со надеж да се соочиме со секој предизвик, наоружани единствено со Исус и Неговата слатка сила на Еванеглието – рече папата Фрањо на крајот од својата проповед.
РВ/к.мк