Папата: Прегрнувањето на крстот не е знак на неуспех, туку допирање на раната на ближниот

Папата: Прегрнувањето на крстот не е знак на неуспех, туку допирање на раната на ближниот

Во пораката упатена до организациите за помош на Црквата во Јужна Америка, кои учествуваат на средбата во Богота, Колумбија, папата Фрањо истакнува дека ако ја изгубиме свеста за дарот, стануваме робови на парите и победени од стравот на немањето, ги препуштаме нашите срца на богатството од лажната економска сигурност, административна ефикасност, контрола, живот без стимулации.

Папата Фрањо испрати порака до учесниците на средбата на институциите и организациите за помош на Црквата во Латинска Америка – кој завршува на 8 март во Богота, Колумбија – во која размислува за бесплатноста. Папата зборува за бесплатноста потпирајќи се на природното очекување на резултатите што следуваат после понудената помош, односно на очекувањата што може да изгледаат дека се во спротивност со ставот на Евангелието, да се дава без да очекува нешто за возврат.

Сè што имаме бесплатно ни е дадено

За да одговориме на оваа спротивставена динамика – бесплатноста и очекувањето плодови, чиј недостаток може да се смета за неуспех – папата Фрањо предлага да погледнеме што бара Исус од нас во Евангелието, поставувајќи си, како новинар, неколку прашања: „Кој дава? Што дава? Каде дава? Како дава? Кога дава? Заради што дава? За што дава?“

Како одговор на првото прашање: Кој дава? – Светото Писмо ни објаснува дека тоа што го даваме не е ништо друго освен она што сме го добиле бесплатно. Бог е Оној Кој дава, а ние сме само управители на примените добра; затоа, не смееме да се фалиме, ниту да бараме надомест поголем од сопствената плата, понизно преземајќи ја одговорноста што тој дар ја бара од нас.

Божјите дарови, знак на Неговата љубов

Одговорот на второто прашање: „Што ни дава Господ“ – е едноставен. Ни даде сè – напоменува Папата – ни даде живот, создадениот свет, интелигенцијата и волјата да бидеме господари на својата судбина, способност за однос со Него и со нашите браќа. Освен тоа, Самиот Тој ни се дарува безброј пати, се до жртвата на крстот и во дарот на Евхаристијата и Светиот Дух. Сè што имаме е или Тој самиот или приказ на неговата љубов – истакна Светиот Отец и додаде:

Ако ја изгубиме таа свест за давањето како и за примање, ја искривуваме неговата и нашата суштина. Од Божји грижливи управители, стануваме робови на парите и победени од стравот од немање, ги предаваме нашите срца на богатството на лажна економска сигурност, административната ефикасност, контролата и живот без стимулации.

Господовата верност меѓу неговиот народ

Но, каде Бог ни се дарува? Папата Фрањо забележува дека Господ уште од создавањето ја зел „нашата кал во своите раце“, нè љуби во нашите неверности и во нашите гревови. Бог се дава себеси – пишува Папата – среде својот народ, а нашето давање не може да не го земе предвид тоа.

Затоа, да не ги избегнуваме оние што се слепи, оние кои остануваат ранети на земјата, на страната на патот, оние кои се погодени од лепра или сиромаштија, туку да Го молиме Господ да бидеме способни да го видиме она што ги спречува да се соочат со нивните тешкотии.

Бесплатноста значи наследување на Исус

На крајот, Господ ни се дарува „секогаш и целосно“, без граници, чекајќи нè и секогаш простувајќи ни, осиромашувајќи се за да нѐ збогати. Еве што прави Бог:

Затоа, можеме да заклучиме дека бесплатноста е наследување на начинот на кој Исус се дава себеси на нас, на својот народ, секогаш и целосно, и покрај нашата сиромаштија. И зошто? Од љубов. Зашто, како што би рекол Паскал, љубовта има свои причини кои разумот не ги знае.

Прегрнувањето на крстот не е знак на неуспех

Папата во својата порака потсетува на зборовите за милосрдието на Свети Павле, кој во своето Прво послание до Коринтјаните заклучува: „Сè оправдува, сè верува, на сè се надева, сè поднесува“, за да нагласи дека љубовта нема план, таа не колонизира, туку се овоплотува, станува како нас, за да направи сè ново. Затоа, напорот на давањето, како што тоа го прават институциите и организациите за помош на Црквата во Латинска Америка до кои и беа упатени зборовите на Папата, не е бескорисен, туку е наследување на Исус, а прифаќањето на крстот не е знак на неуспех, туку значи придружување на неговата мисија – истакна папата Фрањо и додаде:

Тоа значи конкретно допирање на раната на тој брат, на таа заедница, која има име, која има бескрајна вредност за Бога, за да му се даде светлина, да му се зацврстат нозете, да се исчисти неговата беда, да му се даде можност да одговори на проектот на љубовта што Господ го има за него, молејќи се на колена, а кога ќе дојде таму, Исус да најде вера во таа земја.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот