Да ја сакаме својата земја како своја мајка

Да ја сакаме својата земја како своја мајка

Проповед на епископот Стојанов за време на светата Литургија во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ – Скопје, која ја служеше за Република Македонија, а по повод државниот празник, 8 септември Денот на независноста на Република Македонија. Текстот го пренесуваме во целост

****************************

Браќа свештеници, чесни сестри, почитувани претставници на државната и локалната власт, браќа и сестри во Христос!

Собрани сме на прославата на Денот на државноста на Република Македонија и како христијани го даваме сопствениот придонес кон најголемите богатства што Бог му ги доделил на човекот, а тоа се домот и Татковината. Ова наше собирање е чин на благодарност и чин на молитва.

Во верата секој човек на оваа земја е роден во својата единствена и неповторлива природа, роден е како човек и како најдостоинствено суштество на земјата. Роден за свои животни задачи и должен, во својата совест и по својата совест, да живее на начин неговиот живот да биде придонес кон подобра и посовршена цел, бидејќи секој поединец е повикан на полнота на животот според мерката што му е дадена. Но, роден е како таков, не само со задача ,туку и со право да биде човек и  да остане човек. Големиот папа свeti Иван Павле II кој имаше особено истенчено чувство за идентитетот на лицата и народите, ни остави незаменлив влог во христијанската наука за улогата на Црквата и цивилното општество, за тоа дека тие не можат и не смеат да бидат спротивставени страни, туку дека секоја во сопствената област има задача да помогне секој поединец и заедница да можат да го дадат својот придонес во подобрувањето на животот и остварувањето на човечките права што не му ги дава ниту општеството ниту Црквата, туку му ги дал Бог кога го повикал во живот.

Оваа наша Земја, како планета, е дом и тоа заеднички дом на сите оние кои се повикани од Создателот и како што вели Библијата: да ја наполнат земјата и да ја подложат себе си. Што значи, секој граѓанин на планетата Земја е дома. Но, никој од нас, кажано народно, не паднал од небото. Секој од нас е роден во конкретно време, во конкретно семејство, конкретно општество и на конкретно место и според тоа може да каже: мој живот, мое семејство, мој град и моја Татковина. Често сме во искушение, особено кога повозрасните кои гледајќи кон минатото имаат тенденција да зборуваат како некогаш било подобро и полесно и со носталгија да си спомнуваат за нешто што поминало. Уште поопасно е искушението, простете ми на конкретноста, кога во предизборните кампањи се ветуваат кули и градови, а се знае дека поголемиот дел од тие ветувања се само желба или проекција на нереална иднина. Ниту е добра носталгијата, ниту е добро фантазирањето, единствено добра и исправна е вистината. Но, веќе кај Пилат при Исусовото судење слушнавме што е тоа вистина. Како бискуп и како претставник на Католичката црква скромно, понизно, но автентично сакам да предочам што ние верниците сметаме дека е вистина за живот. За нас Татковината е светиња. Оваа Татковина не е ниту најразвиена земја, ниту најбогата, а не е ниту најпереспективна, но таа е наша. Мојата мајка може да биде универзитетски професор или неписмена селанка, но таа е моја мајка. Тешко мене, ако паднам толку ниско па да се срамам од мојата мајка, да се откажам од неа, да ја мамам. Мојата мајка е моја светиња, таа ме родила мене и јас не би можел да бидам јас, да не е таа. И оваа наша Татковина е наша Мајка затоа не можеме и не смееме ниту да се срамиме од неа, ниту да се откажеме, ниту да ја запоставиме. Тука постои само еден став, а тоа е да ја сакаме својата земја како своја мајка.

Прво барање: да не ја лажеме својата мајка, туку љубејќи ја да и помогнеме да живее. Тој процес на љубов што станува дело, го нарекуваме грижа за општо добро. Секој член на оваа општествена заедница дури и ако е граѓанин од периферијата, па сѐ до Претседателот на државата, сите подеднакво сме повикани на љубов и вистина кон Македонија и грижа за нејзино општо добро. Кога велиме општо добро тогаш е тоа мој придонес, не мене да ми биде добро, туку нам на да ни биде подобро. Јасно, самиот себе, не можам да се исклучам, бидејќи јас се хранам, се облекувам, го чувам своето здравје, но само на начин како интегрална личност можам да дадам свој придонес од јас кон ние. Тоа значи дека граѓанинот на оваа земја треба да има, односно да му се овозможи да биде одговорен и да може да одговара за својот однос, за своето дејствување и својата работа според начелото: не што работи, туку како работи. Квалитетот на живеењето не е во поимот благосостојба`, туку во поимите мир и среќа, во поимот задоволство дека во оваа земја, во овој град, јас сум свој на своето, јас сум во својот дом и затоа се чувствувам среќно и радосно иако живеам скромно па дури и сиромашно. Во вистинската демократија сите граѓани, а пред сè верниците треба да бидат свесни дека Бог на сите не дава исти дарови. Општеството како такво, всушност функционира според принципот на телото. Главата не е срце, раката не е нога, окото не е уво, но телото во целост е интегрално и хармонично само тогаш ако не ме боли ниту еден дел од него. Со други зборови оваа Литургија за Татковината е Литургија за нејзино здравје, за нашата државна заедница да функционира како едно вистинско и хармонично тело. За време на изборите, кои досега беа и кои не очекуваат, граѓаните претежно избираат луѓе во кои ја препознаваат функцијата на главата која ја води и ја обединува функцијата на целата заедница како едно тело кое се вика Македонија. Нашата Татковина и со име и со презиме е Република Македонија. Како што може да се види од оваа перцепција за татковината, секој себично центриран интерес е исклучен. Тие кои што се избрани на чело на оваа заедница битно е да сфатат, а и ние со нив, дека имаме само една цел, а таа е да им помогнеме на сите заедно и на секој поединец одделно да градат општо добро. Бидејќи, само тогаш, кога на оној покрај мене му е добро ќе ми биде и мене добро, ако и Парламентот и Владата функционираат во синергија. Македонија, и покрај својата скромност, ќе ја живее вистината и љубовта. Ќе препознаеме дека братските односи и меѓусебната соработка не обединуваат во единство за општо добро.

Ако допуштите, би изнел детал од животот на една светица во Католичката црква: нејзиното име е света Тереза од Лизие од Франција или како што ја нарекуваме света Мала Тереза од Детето Исус. Таа живеела само 24 години и била монахиња во строгиот манастир на клаузурните сестри кармелитанки. Нејзе ја измачувало прашањето за смислата на нејзиниот живот во таква затвореност, а при тоа имала и нарушено здравје. Во тоа размислување наишла на дел во едно од посланијата на светиот апостол Павле во кој тој говори за Црквата како тело и открива, дека ако телото живее, тогаш тоа има срце, а во срцето постои љубов. И тогаш извикнува: сфатив што е мојот живот – да бидам љубов во срцето на мајка ми – Мајката Црква.

Дозволете ми да ви кажам дека ние како мала заедница на Католичката црква, сакаме во нашата татковина Македонија да бидеме љубов во срцето на таа Татковина. Сметајте на нас! Секогаш ќе бидеме со нашите молитви и со вистина ќе се стремиме да го постигнеме општото добро за сите луѓе во нашата Татковина – Македонија. Амин.

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот