За да се прекинат војните потребни се молитва и покора

За да се прекинат војните потребни се молитва и покора

Во Фатима Пресвета Богородица го избра невиното срце и едноставноста на малите Фрањо, Јацинта и Луција, како чувари на нејзината порака – рече папата Фрањо во неделата ан 14 мај 2017 година, во пладневниот наговор.

На самиот почеток ја спомна својата посета на богородичното светилиште во Фатима, од каде што се врати синоќа. Освен тоа, истакна дека денес се многу потребни молитвата и покората, за да завршат војните, посебно на Блискиот Исток, каде малцинствата се подложени на насилство и дискриминација.

Денес пак рано наутро, како секогаш, после секое патување, папата Фрањо отиде во базиликата Света Марија Велика, и кај Богородичната икона Salus Populi Romani (Спасение на римскиот народ) положи букет ружи и се задржа во тивка молитва повеќе од 20 минути.

Во наговорот пред молитвата „Царице небесна“, Папата ја истакна светоста на малите Фрањо и Јацинта, која – како што рече – не е последица на објавите, туку на верноста и жарот со кои одговориле на таа привилегија да можат да ја видат Дева Марија. Со нивната канонизација Светиот Отец сака целата Црквата да ја предупреди да се грижи за децата. Во Фатима молитвата веќе сто години тече како река, за да ја измоли Богородичната мајчинска заштита за целиот свет – рече Папата и истакна дека примерот на Фрањо и Јацинта, кои во тоа време молеле за крај на Првата светска војна, и денес важи.

И денес се многу потребни молитвата и покората, за да се измоли милоста за преобраќање, свршеток на бројните војни кои се водат насекаде во светот, и кои сѐ повеќе се шират, како и крај на безумните големи и мали конфликти, и во семејствата, и насилството кое го извртува лицето на човештвото – истакна папата Фрањо.

Светиот Отец затоа, на Марија, Царицата на мирот, ѝ ја довери судбината на народите погодени од војните и конфликтите, и тоа посебно на Блискиот Исток. Многу недолжни луѓе се тешко искушувани – истакна Папата – и христијани, и муслимани, и припадници на малцинствата како што се језидите, кои се подложени на трагичното насилство и дискриминација.

Мојата солидарност ја придружува и споменот во молитвата, додека се заблагодарувам на сите кои се заземаат во хуманитарната помош – рече Папата и ги охрабри различните заедници да одат по патот на дијалогот и општественото пријателство, со цел градење иднина на почитување, сигурност и мир, и далеку од било каков вид војна.

Светиот Отец спомна исто така дека вчера во Даблин за блажен е прогласен исусовецот Џон Суливан, кој живеел во Ирска на преминот од XIX во XX век. Својот живот го посветува на поучување и духовна формација на младите, а сите го сакале и барале како татко на сиромашните и оние кои страдаат – рече Папата. Потоа посебно ги поздрави верниците, учесниците во иницијативата наречена „Празна детска количка.“ Иднината на нашите општества бара од сите, а посебно од институциите, конкретно внимание кон животот и мајчинството. Тој апел посебно е значаен денес, кога голем број земји го слават Денот на мајката – истакна Папата и ги повика верниците сите на неколку минути да останат во тишина, молејќи се секој за сопствената мајка.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот