Во текот на Воскресното бдение, папата Фрањо ги поттикна верниците да го навестуваат Христовото воскрсение на сите места на кои изгледа дека гробот го има последниот збор.
Болка и лица покриени со солзи на Марија Магдалена и другата Марија кои дошле да го видат гробот на Исус е болката на сите кои ја познаваат неправдата – рече папата Фрањо во проповедта во текот на Воскресното бдение, зборувајќи за жалоста на жените заради смртта на Господ, Кој со своето воскресение на луѓето им дарува нова надеж.
Во бледите лица на тие жени, способни да не побегнат, способни да истрајат, да се соочат со животот таков каков што е, и да го поднесат горчливиот вкус на неправдата, можеме да ги видиме лицата на голем број мајки и баби, лицата на децата и младите кои го поднесуваат товарот и болката на големи нечовечки неправди – истакна Папата. На лицата на тие две жени кои ја оплакуваат смртта на Господ, се гледаат изразите на лицата на сите оние кои одејќи по градот, ја чувствуваат болката на бедата, болката заради искористувањето и трговијата со луѓе.
Во нив ги гледаме и лицата на оние кои го искусуваат презирот затоа што се доселеници, без татковина, без дом, без семејство – додаде Светиот Отец – лицата на оние чиј поглед одразува осаменост и напуштеност заради тоа што нивните раце имаат премногу брчки. Нивните лица ги одразуваат лицата на мајките кои жалат, гледајќи дека животите на нивните деца остануваат закопани под товарот на корупцијата која ги одзема правата и ги уништува стремежите; под секојдневното самољубие кое распнува и ја закопува надежта на многумина; под залудната бирократија која пречи и не дозволува работите да се променат. Во својата болка, тие го имаат лицето на сите оние кои, одејќи по градот, го гледаат распнато достоинството – истакна папата Фрањо.
Во лицето на двете жени на гробот, кои не можат да прифатат дека сè треба така да заврши, се наоѓаат голем број на лица – рече Светиот Отец и додаде – можеби дури и моето и твоето. Како нив и ние можеме да се почувствуваме поттикнати на одење и да не се помириме со фактот дека сè треба така да заврши. Но, и нашите лица зборуваат за раните, за бројните неверувања, наши, како и на другите; зборуваат за голем број обиди и загубени битки – рече Папата и предупреди – Меѓутоа, иако нашето срце знае дека сè може да биде поинаку, ние речиси и не забележуваме, можеме да се навикнеме на живот со гробот, на живот со фрустрација.
Уште повеќе, можеме – според зборовите на Папата – да се увериме дека тој е законот на животот и така да се умртвиме со бегање кое само ја згаснува надежта која Бог ја ставил во нашите раце. Така нашите чекори, нашето одење може да биде како она на двете жени, помеѓу желбата за Бог и жалното помирување со неизбежното. Во тој случај не умира само Учителот, туку со Него умира и нашата надеж – истакна Папата.
Меѓутоа, одеднаш, тлото под нозете на двете жени се стресе, некој им дошол во пресрет и им рекол: Не плашете се, воскресна како што рече (Матеј 28, 6). Тоа е навестување кое, веќе со генерации ни го дарува оваа света ноќ. Да не се плашиме, браќа, воскресна, како што кажа! – истакна Папата. Оној истиот скршен, уништен живот на крстот, оживеа и повторно чука. Тоа чукање на Воскреснатиот ни се дава како дар, како хоризонт. Чукањето на Воскреснатиот е тоа што ни е дарувано и од нас се бара понатаму да го даруваме како сила која преобразува, како квасец на новото човештво.
Со воскресението Христос не го одвалил само каменот од гробот – истакна папата Фрањо – туку сака да ги отстрани и сите пречки кои нè затвораат во нашите неплодни песимизми, во нашите пресметани мисловни светови кои нè оддалечуваат од животот, во нашето опсесивно барање сигурност и во прекумерните амбиции кои се способни да си играат со достоинството на другите.
Тоа е Божјото ветување за неговиот верен народ: радувај се, затоа што твојот живот го сокрива воскликот на воскресението, принос на живот кој очекува повторно будење. Бог продира за да ги поремети сите мерила и така дава нова можност. Бог повторно ни доаѓа во пресрет за да го одреди и зацврсти новото време, времето на милосрдие – рече папата Фрањо и ги поттикна верниците да ја навестуваат таа вест: Христос живее!
Како што со двете жени влеговме во гробот, ве повикувам со нив да се вратите во градот. Да одиме со нив да ја навестиме таа вест… На сите места на кои изгледа дека гробот го има последниот збор, и дека смртта била единственото решение. Секој од нас влегол во сопствениот гроб. Ве повикувам да излезете. Да одиме да навестиме, да делиме со другите, да објавиме дека Господ е жив, и дека сака да воскресне во бројните лица кои ја заборавиле надежта, соништата, достоинството. И ако не сме во состојба да дозволиме Духот да нè води по тој пат, не сме христијани – рече Папата и на крајот уште повика сите да дозволат Христовата нежност и Неговата љубов да ги водат нашите чекори, чукањето на Неговото срце да ги преобрази нашите слаби отчукувања.
РВ/к.мк