Благовештение – Таинството на зачнување

Благовештение – Таинството на зачнување

Празникот Благовештение е опишан во текстот од Евангелието според Лука. Во центарот на вниманието е девојката Марија од Назарет на која Бог ѝ го праќа ангелот Гаврил со порака дека ќе зачне и ќе роди син, кој ќе биде Син на Севишниот. Но тоа што пред сѐ е интересно, а свети Лука јасно укажува, Марија била девица.

Истиот факт ќе го нагласи и свети Марко во своето Евангелие, иако неговото внимание ќе биде повеќе насочено кон Јосиф, отколку кон Марија. Така и двајцата евангелисти кои ги донесуваат податоците за раѓањето на Господ хармонично ја истакнуваат таинствената важност за девственоста на Марија, која првата христијанска заедница го доживеала токму како Божји знак и дар од небото.

Обидувајќи се подлабоко да се разбере и појасно да се опише важноста за девственоста на Марија, но и фактот дека била верена со Јосиф, миланскиот бискуп свети Амвросиј ќе истакне дека се работи за таинствен Божји закон: „Скриени се Божјите тајни и ниеден човек, иако со пророчки зборови, не може да го спознае Божјиот закон, но од други случувања и од Божјите заповеди може да разбереме дека, тоа што таа била избрана да го роди Господ откако се верила со маж, тоа се случило според точно одредена одлука. Зошто не била избрана откако се верила? Веројатно некој да не би рекол дека таа зачнала од прељуба. А едното и другото, дека таа била девица и дека била верена, Светото Писмо убаво вели. Дека е девица, за да се види дека нема удел во заедништво со маж, а дека е верена за да не помисли некој на срамното обесчествување на девственоста, онаа за кое бремената утроба се чини дека дава знак на расипништво. Сепак Господ повеќе сакал некој да се сомнева во неговото раѓање отколку во чедноста на неговата мајка. Знаел всушност колку е кревка девствената срамежливост и дека лесно се губи гласот за искреноста и затоа не мислел дека верата во неговото раѓање треба да ја оскверни мајката. Така се задржала неповредена девственоста на света Марија како таа која е целосна и со чесност, и во јавното мислење на луѓето. Всушност светите треба да имаат сведоштво и од оние кои се надвор. И не доликуваше заради лошиот глас на останатите девици да има покритие за изговор, со тоа што би ја виделе Господовата мајка на лош глас.“ (Толкување на Евангелието според Лука 2,1).

Освен тоа свети. Амвросиј истакнува и други причини за таквото Божјо делување, т.е. за начинот на влегувањето во човечката историја земајќи човечка природа во утробата на Дева Марија. Затоа тој како и останатите отци сметал дека Бог со превезот на дискрецијата извршил зачнување и раѓање на својот Син во човечко тело, за да го заштити од силата на злото кое би настојувал да го оневозможи неговото спасително делување. „Не е незначителна причината дека девственоста на Марија го измамува кнезот на овој свет, кому, кога ја гледал онаа која е верена со маж, не можело да биде сомнително раѓање. А дека одлуката била дека треба да се измами кнезот од овој свет, ни вели и самиот Господов збор, кога им забранува на апостолите да зборуваат за Христос, кога на излечените им забранува да се фалаат со лекот, кога на демоните им наредува да молчат за Синот Божји.“ (2.3) Така свети Амвросиј го разработил тоа што уште на почетокот од вториот век тоа го посведочил маченикот и бискуп свети Игнатиј Антиохиски кога вели: „На кнезот од овој свет останаа сокриени девственоста на Марија, нејзиното породување, како и смртта Господова, три големи таинства исполнети во Божјата тишина.“ (Писмо до Ефесјаните 19, 1).

Марија на овој начин го измамила кнезот од овој свет, но не служејќи се со човечкото лукавство, туку вршејќи ја Божјата волја и неговиот свет план на спасението. Во нејзината едноставност таа не смислувала никакво лукавство, туку со едноставна верност и со верна едноставност таа ја примала најдобрата Божја заштита, така што не само лукавиот и таткото на развратното лукавство можеле да ја откријат и да ја измамат, туку таа на крајот ги измамила и ги победила прифаќајќи на таинствен начин да биде родителка на Божјиот Син. Токму заради тоа Бог ја наградил да биде во исто време и Мајка на неговиот Син, но и засекогаш да остане Дева. Марија нѝ покажува дека нејзината едноставна поврзаност со Бога е воедно и најдобра заштита од сатаната кој се труди да ги открие Божјите планови и да ги спречи да се остварат. Но бидејќи е немоќен против Бога, затоа тој се обидува да го оневозможи нивното остварување во нас трудејќи се да навлезе во нашите мисли и намери, и после тоа тој да нѐ измами. Марија е доказ дека едноставната верност кон Бога и тајното вршење на неговата волја станува најдобра заштита која сатаната не може да ја пробие ниту со најголемото настојување.

Затоа да бидеме верни како Дева Марија, примајќи го Божјото таинство и станувајќи слуги Божји во светот во кој Бог и денес преку нас го продолжува своето овоплотување во човечката историја и човечкиот живот, го продолжува оној ист план на спасението кое Марија прва потполно го прифатила и го исполнила. Тоа навистина големо таинство на девственото зачнување и раѓање на Божјиот Син и денес се разгласува во Црквата, па затоа и на нас овој звук на ова таинство нека допре до ушите. Да допре и до нашето срце, да нѐ исполни со радост и благодарност кон Бога кој на таков чудесен начин нѐ заштитил, благодарејќи на служењето на Пресвета Дева и Мајка на неговиот воплотен Син.

Битно.нет/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот