На 16 февруари 2017 Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монс. д-р Киро Стојанов во претседателската резиденција му ја подари монографијата „Денови на Света Мајка Тереза во Скопје 2016“ на претседателот на Република Македонија господин Ѓорге Иванов.
На самиот почеток од средбата бискупот Стојанов се заблагодари уште еднаш на претседателот Иванов што беше генерален покровител на татковинската прослава „Денови на Света Мајка Тереза“, кои се одржаа во Скопје од 5-11 септември 2016 година, а во чест на канонизацијата на светицата. Исто така се присетија на тие убави моменти и истакнаа дека и овој настан ги обедини луѓето во нивната различност и верска и национална, констатирајќи дека токму таа вредност ја живееше Мајка Тереза, а која ја научи во своето родно Скопје.
Бискупот Стојанов се осврна на неодамнешната Ад Лимина посета во Рим заедно со останатите членови на Меѓународната бискупска конференција „Свети Кирил и Методиј“ и на претседателот Иванов му ги пренесе поздравите од Светиот Отец, папата Фрањо. Исто така бискупот рече дека папа Фрањо се присети на разговорот со претседателот Иванов со кој, како што кажа, имаше убав разговор за христијанството во Македонија.
На крајот од оваа срдечна средба претседателот Иванов се заблагодари на бискупот Стојанов за монографијата, која сведочи за убавите настани.
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк