Светиот Престол потпиша Меморандум за разбирање со APSA, Фондацијата „Fratello Sole“ и ACEA за унапредување на развојот на агроволтаична централа, која треба да ги поддржи енергетските потреби на државата Ватикан преку производство на обновлива енергија.
Гувернаторството на Државата Град Ватикан, Администрацијата на наследството на Апостолскиот Престол (APSA), Фондацијата „Fratello Sole“ и ACEA, една од водечките италијански компании во областа на енергетиката и водоснабдувањето, потпишаа Меморандум за разбирање.
Целта на договорот е да се унапреди развојот на агроволтаична централа во екстратериторијалната област Санта Марија ди Галерија, во близина на Рим.
Договорот, потпишан на 10 јуни, воспоставува рамка за соработка во планирањето и спроведувањето на проектот, кој Светиот Престол има намера да го развие преку Гувернаторството, APSA и Фондацијата „Fratello Sole“.
Енергија за Ватиканското радио и за државата Ватикан
Иницијативата следува по основањето на Фондацијата „Fratello Sole“ од папата Лав XIV, преку хирограф издаден на 1 јуни.
На Фондацијата ѝ е доверено надгледувањето на проектот, кој има за цел да обезбеди електрична енергија не само за преносниот центар на Ватиканското радио, што се наоѓа во Санта Марија ди Галерија, туку и да придонесе за енергетските потреби на Државата Град Ватикан.
Агроволтаичната централа ќе го комбинира производството на обновлива енергија со земјоделска активност, во согласност со еколошките принципи наведени во енцикликата Laudato si’ на папата Фрањо, Апостолскиот поттик Laudate Deum и motu proprio Fratello Sole.
Поддршка од ACEA
Со оглед на техничката сложеност на проектот, ACEA ќе ја поддржи иницијативата преку обезбедување експертиза во енергетскиот, еколошкиот, водоводниот и земјоделскиот сектор.
Правната рамка за проектот беше воспоставена преку Договорот меѓу Италијанската Република и Светиот Престол за агроволтаична централа во Санта Марија ди Галерија, потпишан на 31 јули 2025 година и ратификуван од Италија во април 2026 година.
Проектот претставува уште еден чекор во настојувањата на Светиот Престол да промовира одговорна грижа за создаденото и конкретна примена на принципите на интегралната екологија.
Ватикан њуз/к.мк

