Бискупот Стојанов го прими амбасадорот на Малтешкиот суверен воен ред Павел Гјерински

На 20 мај 2016 година во бискупската резиденција во Скопје, Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. д-р Киро Стојанов го прими амбасадорот на Малтешкиот суверен воен ред г-дин Павел Гјерински. 

Амбасадорот Гјерински му се заблагодари на бискупот Стојанов за приемот и се интересираше за бискупското мислење за моменталната политичка ситуација во Македонија и за мигрантската криза.

Бискупот Стојанов рече дека голем настан за Црквата и државата беше доаѓањето на Државниот секретар на Светиот Престол кардинал Пиетро Паролин во Република Македонија, истакнувајќи како кардиналот Паролин во својата посета стави акцент и на мигрантската криза, посетувајќи го мигрантскиот центар во Гевгелија и на тој начин ја искажа близината на папата Фрањо со оние на кои им е потребна помош. Исто така истакна дека Католичката црква преку своите институции Каритас и Парохиските Каритаси и волонтери од самиот почеток е вклучена во помошта на бегалците. Таа помош со конкретизираше преку дистрибуција на пакети со храна и топли оброци и напитоци во центрите во Гевгелија и Табановце.

Во врска со политичката ситуација бискупот Стојанов рече дека од основна важност за општеството во барањето на решение е волјата и дијалогот. Исто така го нагласи посланието на Црквата во светот, истакнувајќи дека ни на верските поглавари не им е сеедно што се случува и дека со своите апели повикуваат на барање на решение за постигнување на мир и општо добро во земјата. Изрази голема радост поради канонизацијата на Мајка Тереза и го информираше амбасадорот за моменталната фаза од подготовката за благодарност за канонизацијата во Македонија.

Амбасадорот Гјерински истакна дека е импресиониран од ангажираноста на Католичката црква во Македонија, имајќи го во предвид дека таа е мала, меѓутоа жива заедница на верните. Исто така го нагласи посланието на Мајка Тереза во правењето на добро како рецепт за многу решенија и дека тој човечки концепт кој се однесува на сите луѓе треба да се промовира. Изрази спремност за помош и соработка во организацијата на прославата за дарот на канонизацијата во Скопје.

к.мк

 Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот