Велики Четврток – споменден на Исусовата Последна вечера

Велики Четврток е споменден на Исусовата последна вечера. На Литургијата на таинствен начин се слави и обновува востановувањето на Евхаристијата и свештеничкото ракополагање и започнува Пасхалната тродневница

Во катедралите како матични Цркви на секоја епархија, наутро бискупот слави Литургија со своите свештеници од епархијата. Тогаш се благословува елеопомазанието за болни и катекуменското масло, а се посветува и мирото, како и маслото за свештеничко ракополагање. После проповедта на бискупот свештениците ги обновуваат своите ветувања дадени на ракополагањето, дека верно ќе ја извршуваат прифатената служба.

На Велики Четврток вечерта, на свечен начин се слави евхаристиско славење, кое се нарекува Литургија на Вечерата Господова. Тоа е спомен на вечерата кога Исус со своите ученици за последен пат ја славеше еврејската Пасха и тоа ден пред самиот празник, и ја востанови светата Литургија, преку која христијаните ќе бидат препознатливи.

Според Евангелието од Иван Исус за време на вечерата им ги мие нозете на своите ученици, предводителот на славењето ги мие нозете на дванаесет одбрани кандидати и на тој начин ги потстетува сите присутни дека евхаристијата е упатена на животот – братска љубов на сите христијани која треба да ја прошират во светот.

Тогаш последен пат свират оргулите и бијат камбаните. Тие повторно ќе се огласат на Воскресението. На крајот од литургиското славење се остава причест за утрешниот ден, Велики Петок.

Католиците денес влегуваат во длабоко тишина, во која верникот има можност да размислува за големината на жртвата, која Исус ја даде за секој човек.

Лаудато/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

За авторот